Стево и Сара Чепишевски, заедно со Илина и Дарија, ќерките на Сара, синоќа ја испеаја детската песна „Зелката“ на концертот „Од Евридика до Чија си“ во Филхармонијата, посветен на 80. роденден на композиторот Славе Димитров. Трите генерации од семејството Чепишевски настапија со Националниот џез оркестар под диригентство на Џијан Емин.
Стево и Сара Чепишевски ја снимија песната во 1992, кога Сара имала четири и пол години. Песната стана популарна преку детската телевизиска серија „Дајте музика“, која се емитуваше во 1993 година. Автор на стиховите е Петре М. Андреевски, а на музиката Славе Димитров.
Снимка од настапот беше објавена на фејсбук-фан-страницата на универзитетската професорка и книжевна истражувачка Весна Мојсова-Чепишевска, сопруга на Стево, мајка на Сара и баба на Илина и Дарија.
„Она што пред 33 години беше песна на татко и ќерка, вечерва стана песна на три генерации од едно семејство, заедно на истата сцена“, се вели во објавата.
Песната има посебно значење и во научната работа на Мојсова-Чепишевска. Во текст објавен во научното списание „Спектар“, таа пишува дека нејзината книжевна поврзаност со творештвото на Петре М. Андреевски започнала токму преку „Зелката“ во 1992 година и тој почеток го нарекува „нашето книжевно венчавање“. На поезијата на Андреевски подоцна му ги посветила докторската дисертација и книгата „Лицето на зборовите“.
Мојсова-Чепишевска синоќа од првиот ред во Филхармонијата го сними настапот на својот сопруг, ќерката и двете внуки.
„Колку е чудесно кога поезијата што со години си ја проучувал ќе ја слушнеш во гласовите на своите најблиски! Петре ги напиша стиховите. Славе им даде музика. Стево и Сара им дадоа глас. Илина и Дарија им даваат иднина“, се вели во објавата на Мојсова-Чепишевска.



