ЏАРО ГОРЕ ИЗИГРА „КЕЦ У КЕЦ“ И НÈ СОБРА СИТЕ ДЕНЕС, РЕЧЕ АЛЕКСАНДАР БЛАЖЕВСКИ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА ВЕЛИБОР ЏАРОВСКИ

    ЏАРО ГОРЕ ИЗИГРА „КЕЦ У КЕЦ“ И НÈ СОБРА СИТЕ ДЕНЕС, РЕЧЕ АЛЕКСАНДАР БЛАЖЕВСКИ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА ВЕЛИБОР ЏАРОВСКИНа комеморацијата во Домот на културата во Ѓорче Петров, пријателите, соработниците на Џаро раскажуваа анегдоти, сеќавања за дружбите и соработките. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Џаро е мојата младост, моето растење, тој прв ги слушаше моите песни, рече денеска Калиопи на комеморацијата за Велибор Џаровски-Џаро, еден од најпознатите менаџери на просторите на бивша Југославија, кој почина на 25 април на 75 години. На денешната комеморација во Домот на културата во Ѓорче Петров, неговите пријатели, соработници, раскажуваа анегдоти, сеќавања за дружбите и соработките со Џаровски.

    Калиопи и Влатко Стефановски. (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Денес се навршуваат 40 дена, кога ја испраќаме душата на Џаро во вечноста. Анегдоти има милион. И сите можеме тука многу да раскажуваме, но никој не ги раскажуваше како тој самиот. Токму затоа денес ќе се осврнам на човекот Џаро, бидејќи го знаеме како ваков, онаков, секаков, токму онака како што тој си се претставуваше самиот, отворено, експлицитно. Но, малкумина рекле за него дека е добар човек, Џаро беше многу добар човек, со големо срце. Некој ме праша што за мене Џаро претставува. Џаро е мојата младост, моето растење. Со Ромео пред некој издадовме нов албум за 40 години соработка и сега ми текнува дека јас толку време го познавам Џаро. Можеби и повеќе од тоа. Јас и Ромео ја имавме таа привилегија да бидеме дел од семејството. Најпрво нему му ги давав песните да ги чуе пред да ги објавам. Тој секогаш ми кажуваше најискрено што мисли за тоа. За мене тој е како доктор Џекил и мистер Хајд. Велибор Џаровски е Џекил, а мистер Хајд е Џаро. Затоа што секогаш знаеше на кое место треба да биде едно од тие две. Многу ми недостигаше на оваа последна промоција, но за мене беше голема чест што неговото семејство, особено сопругата Виолета, беше со нас“, рече Калиопи, додавајќи дека многу ќе ѝ недостига, дека зад себе оставил многу повеќе од кој било во оваа малечка Македонија и дека надвор од неа не постои поголем Македонец од него.

    Калиопи, Драган Мијалковски, градоначалникот на Ѓорче Петров Александар Стојкоски, Ранко Петровиќ и Влатко Стефановски. (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Џаро го запозав кога бев многу млад музичар, кога почнував да патувам и да свирам. Тој имаше неверојатен осет за успешни проекти. Ни пријде во еден момент и ни рече: ‘Дечки, јас ќе ви правам турнеја низ тогашна Југославија’. Џаро ми беше голема животна и професионална школа. Голем играч со слабоста на луѓето околу него“, рече гитаристот Влатко Стефановски за почетоците со „Леб и сол“.

    На комеморацијата говореа и водителот Александар Блажевски, музичарот Влатко Плевнеш, угостителот и пријател Саша Сотаровски и градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.

    „Џаро изигира ‘кец у кец’ горе и нѐ собра денес тука“, рече Блажевски.

    „Ние младите учевме од неговите фори“, рече Слаткар. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Сопственикот на Радио Бубамара, Ранко Петровиќ рече дека Џаро е заслужен за манифестацијата Златна бубамара на популарноста, пејачот Драган Мијалковски се сеќаваше на многуте турнеи со него, а раперот Марко Маринковиќ-Слаткар дека Џаро го спасил од тужба од Горан Бреговиќ, бидејќи како млад организирал трибјут коцерт на „Бијело дугме“ во Дојран.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира