Неколку дена пред излегувањето на третиот дел на „Аватар“, Џејмс Камерон се придружи на клубот на милијардери, откако „Форбс“ го процени неговото вкупно богатство на 1,1 милијарда долари.
Ова го прави 71-годишниот Камерон само петти филмаџија со статус на милијардер, покрај Џорџ Лукас, Стивен Спилберг, Питер Џексон и Тајлер Пери. Сепак, „Форбс“ нагласува дека Камерон е единствениот филмаџија кој го стекнал статусот главно преку своите филмови, кои вкупно имаат заработено речиси девет милијарди долари на киноблагајните низ светот.
Камерон исто така е единствениот режисер чии три филма заработиле над две милијарди долари: „Титаник“, „Аватар“ и „Аватар: Патот на водата“. Третиот дел „Аватар: Оган и пепел“ ќе има премиера во САД на 19 декември и исто така му се предвидува голема заработка.
Планирани се уште два филма од серијалот, што треба да излезат во 2029 и 2031 година.



