Скопскиот џез фестивал (СЏФ) за вечерва во 20 часот во Македонската опера и балет (МОБ) ги најавува австрискиот бенд „Марио Ром’с Интерзоне“, една од најдобрите џез-пејачки во светот Ди Александер , а на полноќ во Дaнсинг салата во Младинскиот културен центар, концертот на нигерискиот музичар Орландо Џулиус со британскиот бенд „Хелиосентрикс“.
Марио Ром, Лукас Кранцелбиндер и Херберт Пиркер го сочинуваат „Марио Ром’с Интерзоне“, група со невообичаена инструментација (труба, бас и тапани) која се покажа способна виртуозноста и хуморот да ги преточи во една забавна целина, оставајќи впечаток дека се четири, пет или повеќе музичари.
Медиумите ги опишуваат како „апсолутно откритие“ со „изненадувачки, ненадминлив темперамент“.
„Во меките, сензуални балади но, и во динамичното ‘скет-дивеење’ Ди пее со импресивна вокална длабочина и експлозивна драматичност. Израсната во опкружување во кое најмногубројни биле плочите на Дајна Вашингтон, таа ги наведува Сара Вон и Ела Фицџералд како свои најголеми влијанија. Тука е и чикашкиот саксофонист Хенри Хаф, кој ја насочи на вистинскиот пат до совршенството во вокалната импровизација. Во својата кариера Ди Александер имаше плодна соработка со џез-елитата на Чикаго: Ремзи Луис, Орберт Дејвис, Никол Мичел, Ернест Докинс и многу други“, најавуваат од СЏФ.
За Орландо Џулиус е познато дека, почнувајќи во шеесеттите години на минатиот век, тој ги соединуваше традиционалните африкански звуци и ритми со оние на американскиот поп, соул и ритам и блуз. Покрај настапите и снимањата во својата родна Нигерија, многу години помина во САД, а неговиот албум од 1966 година, „Супер Афро Соул”, од него направи национална ѕвезда во Нигерија и влијателен музичар дури и во САД. На почетокот на 2014 година, познатиот британски бенд „Хелиосентрикс“ го доведоа Џулиус во нивното студио во Северен Лондон и го придружуваа во низата снимки на стари песни кои никогаш не беа снимени, но и на новите композиции. Како и во нивните незаборавни соработки со Мулату Астатке и Лојд Милер, „Хелиосентрикс“ го носат звукот на Орландо во нови, прогресивни насоки, задржувајќи ја сировата градба на неговите рани дела.