Денес во 12 часот, во Малата концертна сала на Факултетот за музичка уметност во Скопје ќе почне одбележувањето на 20-годишнината на архивот „БузАр 2000–2020“ (Архив Бужаровски). На настанот премиерно ќе се прикаже документарното видео за доајенот на македонската народна музика, виолинистот, аранжер и композитор Благоја Дескоски.
Архивот БузАр претставува еден од најголемите дигитални архиви за македонското и балканското звучно културно наследство. Во него во моментов се дигитализирани 14 големи колекции со македонски и балкански музички фолклор, неколку илјади песни и игри, мелограми, приказни, обичаи и дијалекти, аудиоснимки од 110 концерти од кои 5 концерти се заокружени и како видеопрограми, поголем број видеоспотови со дела од сериозната музика, Јени Јол видео, 170 кратки филмови од ИРАМ-овата хроника, 14 документарни видеа за истакнати дејци од македонската музичка култура и документарно видео за програмата Темпус во Македонија, 119 програми на Студентското интернет радио.
Најновото документарно видео за Дескоски е дел од проектот за реконструкција на настаните од втората половина на минатиот век и посебно за делувањето на Малиот народен оркестар при Радио Скопје.
„Овој оркестар, чиј нераздвоен дел е Благоја Дескоски, има одиграно клучна улога во обликувањето на македонската народна и традиционална музика. Покрај проф. д-р Димитрије Бужаровски во изработката на ова видео учествуваше и вонр. проф. д-р Трена Јорданоска. Сите проекти се работени на БузаАр без каква било финансиска поддршка, туку со помош на студенти и професори од ФМУ“, велат од Музичката академија.
Б. НЕСТОРОСКА