Младата македонска кантавторка Дина Јашари е годинашната добитничка на регионалната музичка награда „Милан Младеновиќ“, што се доделува во чест на покојниот фронтмен на „Екатарина Велика“. Јашари е наградена за песната „Дома“ од нејзиниот истоимен миниалбум објавен лани.
Јашари влезе во финалниот избор покрај 11 други песни од поранешна Југославија. Жирито соопшти дека за наградата првично конкурирале 229 песни, од кои прво биле издвоени 45 полуфиналисти.
Наградата „Милан Младеновиќ“ е востановена во 2019, а се доделува на 21 септември, на денот кога е роден легендарниот српски музичар. Победникот добива статуетка и парична награда од 3.000 евра.
По неколку синглови, Дина Јашари лани го објави својот прв миниалбум „Дома“, а годинава имаше настапи низ цела бивша Југославија.
Г. КОНЕВ