ДОБИВМЕ ПАРИ ЗА КАТАЛОЗИ, АМА НЕ И ЗА ИЗЛОЖБИТЕ ЗА КОИ СЕ НАМЕНЕТИ КАТАЛОЗИТЕ, ВЕЛИ ДРУШТВОТО НА ЛИКОВНИ УМЕТНИЦИ

    ДОБИВМЕ ПАРИ ЗА КАТАЛОЗИ, АМА НЕ И ЗА ИЗЛОЖБИТЕ ЗА КОИ СЕ НАМЕНЕТИ КАТАЛОЗИТЕ, ВЕЛИ ДРУШТВОТО НА ЛИКОВНИ УМЕТНИЦИ„Како јас ќе ги оправдам другите 160 илјади денари? Јас сум толку радикален што на крај ќе ги испринтаме каталозите и ќе ги изложам дизајнерите“, вели претседателот на ДЛУМ Филип Фидановски (Фото: МИА)

    Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од Министерството за култура доби пари за каталози, ама не и за изложбите за кои треба да бидат испечатени каталозите, вели претседателот Филип Фидановски. Тој денес на прес-конференција говореше за, како што рече, повеќето небулозни и скандалозни решенија на Министерството во однос на Годишната програма за национален интерес во културата за 2019.

    ДЛУМ побарало пари за шест изложби во 12 ставки, а Министерство одобрило 210 илјади денари и само 1 ставка, за која се потребни 44 илјади денари за подготовка и печатење на каталог.

    „Како јас ќе ги оправдам остантите 160 илјади денари? Јас сум толку радикален што на крај ќе ги испринтаме каталозите и ќе ги изложам дизајнерите“, реагира Фидановски, додавајќи дека решението го добиле еден ден пред официјaлно да биде соопштена ревидираната програма во март и дека имаат поднесено приговор.

    Маријана Костојчиновска-Узуновa, Филип Фидановски и Дијана Томиќ-Радевска на денешната прес -конференција (Фото: МИА)

    Втора скандалозна одлука, вели Фидановски, е што Министерството во Годишната програма не обезбедува пари за наградата која самото Министерство ја доделува, за добитникиот на Гран-при наградата на Зимскиот салон на ДЛУМ.

    „Покровител на наградата која подразбира уметнички престој во Париз е Министерството, а победничката на ланскиот Зимски салон Шќипе Мехмети ја нема во овогодинешната програма. Поднесовме приговор и на ова решение “, кажа Фидановски.

    Тој реагира и дека најстарата ликовна институција во земјава, која годинава ќе одбележи 73 години постоење, сѐ уште нема своја галерија за изложување. Фидановски рече дека изминатиов период разговарал со премиерот Зоран Заев, да добијат галерија во централното градско подрачје и дека очекува позитивна одлука. Разговарал и со директорката на Националната галерија на Македонија Дита Старова-Ќерими, да им се отстапи простор каде уметниците би изложувале, и тоа поконкретно за куќата на Лазар Личеноски.

    Фидановски ги претстави членовите на Управниот одбор на чело со Маријана Костојчиновска-Узунова и Уметничкиот совет на чело со Дијана Томиќ-Радевска, и најави две нови изложби во галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ): в среда се отвора изложбата „Современа скулптура“ и на 22 април изложбата „Молк за…“ под кураторство на Александра Вилиќ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари