„ДОМАЌИНСТВО ЗА ПОЧЕТНИЦИ“ НА СТОЛЕВСКИ МЕЃУ 5 НОМИНИРАНИ ЗА ЕВРОПСКАТА УНИВЕРЗИТЕТСКА ФИЛМСКА НАГРАДА

    „ДОМАЌИНСТВО ЗА ПОЧЕТНИЦИ“ НА СТОЛЕВСКИ МЕЃУ 5 НОМИНИРАНИ ЗА ЕВРОПСКАТА УНИВЕРЗИТЕТСКА ФИЛМСКА НАГРАДАЗа универзитетската награда гласа жири составено од студенти од 25 универзитети од 25 земји во Европа. (Фото: ЕУФА)

    „Домаќинство за почетници“ на македонско-австралискиот режисер Горан Столевски, е меѓу петте номинирани филмови за Европската универзитетска филмска награда – European University Film Award (EUFA), која е една од категориите на Европските филмски награди. За оваа награда гласа жири составено од студенти од 25 универзитети од 25 земји во Европа.

    Филмот на Столевски и „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Митевска се селектирани за Европските филмски награди.

    Меѓу номинираните за Европската универзитетска награда се и: „Анатомија на падот“ на Жустин Триет, годинашен победник во Кан, „Зелена граница“ на Агњешка Холанд, „Како да имаш секс“ на Моли Манинг Вокер и „Наставничка канцеларија“ на Илкер Чатак.

    Европската филмска академија ја лансираше оваа награда во 2016, заедно со филмскиот фестивал во Хамбург, а во меѓувреме стана и една од официјалните категории на Европските филмски награди, за која што не гласаат членовите на Европската филмска академија, туку студенти од универзитетите учесници. Целта на оваа награда е активно да ја инволвира младата публика, да ја шири европската идеја и да го пренесе духот на европското кино до публиката помеѓу 20 и 29 години.

    По оваа номинација следуваат проекции на филмовите и дискусии на семинари кои ќе бидат организирани на универзитетите кои се дел од оваа програма, а во декември, по еден студент – претставник на својот универзитет – ќе присуствува на одлучувачки состанок кој ќе се одржи во Хамбург. На дебата студентите ќе одлучат за победникот, а ЕУФА 2023 ќе биде доделена за време на церемонијата на Европските филмски награди која ќе се одржи во декември 2023 во Берлин.

    Денеска започнува гласањето на членовите на Европската филмска академија за селектираните филмови за Европските филмски награди во останатаите категории и истото трае до 18 октомври 2023. Членовите ќе имаат можност да гласаат за категориите најдобар европски филм, режисер, актерка, актер и сценарио за селекцијата од играни и документарни филмови. Номинациите ќе бидат објавени на 7 ноември, по што членовите на Академијата ќе гласаат за победниците кои ќе бидат презентирани на церемонијата во Берлин.

    „Домаќинство за почетници“, кој е во продукција на „Лист продукција“ е избран и за годинашен македонски кандидат за наградата Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм.

    Филмот имаше светска премиера на филмскиот фестивал во Венеција, каде ја доби Квир лав  наградата, а македонската премиера беше на отворањето на интернационалниот фестивал на филмска камера, „Браќа Манаки“.

    Во продукција на „Лист продукција“, филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм, а преку компанијата „Фокус фичерс“ ќе биде дистрибуриран на територијата на САД. Меѓународен дистрибутер на филмот за останатите територии е студиото „Универзал пикчерс“, а продажните агенти „Њу Јуроп филм сејлс“ ќе го застапуваат филмот на територија на југоисточна Европа.

    Во скопското кино Синеплекс ќе почне да игра од 12 октомври.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира