ДОНКИХОТСКИ СЕ ОБИДУВАМЕ ДА ГО СОЧУВАМЕ ТЕАТАРОТ ВО ОВА НЕВРЕМЕ, РЕЧЕ РЕЖИСЕРОТ ЃОРГИЕВСКИ ЗА НОВАТА ПРЕМИЕРА НА БИТОЛСКИОТ ТЕАТАР

    ДОНКИХОТСКИ СЕ ОБИДУВАМЕ ДА ГО СОЧУВАМЕ ТЕАТАРОТ ВО ОВА НЕВРЕМЕ, РЕЧЕ РЕЖИСЕРОТ ЃОРГИЕВСКИ ЗА НОВАТА ПРЕМИЕРА НА БИТОЛСКИОТ ТЕАТАРЉупчо Ѓоргиевски-Бубе ја режира „Патувачкиот театар Шопаловиќ“, новата премиера на Народниот театар од Битола  закажана за 25 декември. (Фото: СДК.МК)

    Театарот ја нема онаа општествена функција, ниту место и достоинство што ги имаше порано. Тоа не е резултат само на медиумите и современата технологија, туку и на покомплицирани општествени услови, а и на пандемијата, рече Љупчо Ѓоргиевски-Бубе, режисер на „Патувачкиот театар Шопаловиќ“, новата премиера на Народниот театар од Битола  закажана за 25 декември. Претставата, работена по текст на Љубомир Симовиќ, го поставува на сцена прашањето за потребата да се прави театар во тешки времиња и дали има време погодно или не за да се игра театар.

    „Дејството се случува во воено време, па прашањето е дали во такво време има или не потреба од театар. Пандан на таа околност денес е пандемијата, па нè забрануваа, па 50 проценти од салите да се празни, па имаше периоди кога воопшти не работевме, нè стопираа. Самата претстава зборува за нашата вера или верба во професијата и за нашата неисцрпна енергија да го чуваме и сочуваме тетарот, и како институција, а и во нас. Малку донкихотски звучи и нашата врба во дрвениот меч, тоа е симбол на нашата вера со кој ние ги водиме сите битки во општсеството“, рече Ѓоргиевски.

    Не случајно изборот падна на оваа тема токму во периодот кога Ѓоргиевски и актерот Пепи Мирчевски, кој го игра ликот на водачот на трупата, навршуваат 50 години театарска дејност откако за првпат уште како средношколци стапнале на театарските штици. Па, токму преку претставата сакаат да покажат на што потрошиле половина век од животот.

    „Го играм ликот на Шопаловиќ, водачот на трупата на патувачкиот театар кој одговара и се спротивставува на сите политички и воени превирања и може да се спореди со она што денес ни се случува, за жал, ова ненормално време. И ние се спротивставивме на ова што е околу нас и направивме претстава на многу солидно театарско ниво“, рече Мирчевски.

    Дел од сценографијата за претставата која ја подготвува Валентин Светозарев ќе содржи елементи од поранешната популарна претствата „Свдабата на Мара“, што се играше во просторот каде беше партерот на стариот Битолски тетар.

    „Тие ложи ги направи колегата Петар Ангеловски и од пред 40 до 50 години успевме да зачуваме некои елементи што многу ретко. Обично се тоа работи кои по неколку години се рециклираат или одат на отпад. Со тоа ќе укажеме на мислата за нашиот стар театар кој исчезна и го снема како што многу работи што ги снемува во животот. Во нас остана болка за исчезнувањето на тој објект. Абдул Керим паша во најжешките времиња во Европа се одлучил да го изгради, за некој друг да го сруши“, рече Светозарев.

    На плакатот за премиерата е слика од стариот Битолски театар и сегашниот театарски ансамбл.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира