Државниот архив ги повикува сите граѓани кои имаат архивски материјал (документација) да го подарат на Архивот како институција која се грижи за колективната меморија и историското минато. Директорот Емил Крстески вели дека на приватните иматели (или правни наследници) им се нуди можност да подарат архивски материјал кој е од особено значење за националната и локалната историја како и за општествено-политичкиот, стопанскиот и културниот живот во минатото.
„На подарениот архивски материјал во Државниот архив и неговите одделенија му се обезбедува соодветно сместување, физичко-техничка заштита, стручно-научно истражување, проучување и обработка како и негово користење за научни цели. Архивскиот материјал наменет за подарување се категоризира според неколку критериуми меѓу кои единственост, реткост и неповторливост на архивскиот материјал, сочуваност, изворност и авторство“, вели Крстески.
Од подарените архивски материјали ќе се формираат архивски фондови, кои во иднина ќе им бидат достапни на истражувачите и од нив ќе произлегуваат вредни изданија од областа на политичката историја, историја на секојдневниот живот, културната историја.
Граѓаните може да се обратат на телефонскиот број 02 3237 211 локали 121 и 122, директно во Државниот архив, Кеј „Димитар Влахов“ бр. 19 во Скопје или на следните e-mail адреси: [email protected]; [email protected]. Информации за подарување архивски материјал може да се добијат и во одделенијата на Државниот архив во Скопје, Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Штип, Велес и Куманово, чии контакт-информации може да се најдат на веб-страница www.arhiv.mk.