Македонските филмови „Мајка “ на Теона Митевска и „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски ќе го отворат и затворат 46.издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ во Битола, кажа денеска селекторот на главната програма, Слаѓан Пенев. Фестивалот ќе се одржи од 20 до 26 септември.
Директорот на Фестивалот, Димитрија Доксевски кажа дека турскиот режисер Семих Капланоглу е годинашен добитник на Специјалната Камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност.
„Во главната програма ќе прикажеме филмови од фестивалите во Кан, Берлин, Венеција, Торонто, Локарно. Денеска сакам да најавам два македонски филмови кои ќе бидат прикажани во главната програма Камера 300. Филмот на Теона Митевска, ‘Мајка’ќе го отвори овогодинешното издание на ‘Браќа Манаки’, каде директорка на фотографија е долгогодишната соработничка на Теона Митевска, Виржини Сент-Мартан од Белгија. Сент-Мартан досега со свои филмови учествувала на неколку изданија во главната програма на ИФФК ‘Браќа Манаки’ има два пати освоено Сребрена Камера 300. Ќе го откријам и филмот со кој ќе биде затворен фестивалот, а тоа е македонскиот филм ‘Диџеј Ахмет’, кој досега веќе постигна голем успех на светските фестивали, и доби две награди на Санденс фестивалот“, кажа Пенев.
- ФИЛМОВИТЕ НА ТЕОНА МИТЕВСКА И ТАМАРА КОТЕВСКА ЌЕ ИГРААТ НА ВЕНЕЦИСКИОТ ФЕСТИВАЛ
- РЕГИОНАЛНА ПРЕМИЕРА НА „ДИЏЕЈ АХМЕТ“ НА ГЕОРГИ УНКОВСКИ НА САРАЕВСКИОТ ФЕСТИВАЛ
„Мајка“ на Митевска ќе ја отвори натпреварувачката програма „Хоризонти“, на годишениот Венециски филмски фестивал, а „Диџеј Ахмет“ ќе има регионална премиера во конкуренцијата за наградата Срцето на Сараево на 31. Сараевски филмски фестивал.
Годишениот лауерат Капланоглу во 2010 доби Златна мечка за „Мед“ на Берлинскиот филмски фестивал.
„Капланоглу е еден од најуспешните и највлијателни режисери во турската кинематографија, кој има добиено 28 меѓународни награди и 10 номинации низ целиот свет. Дебитираше во 2001 година со ‘Далеку од дома’, за кој ја добива наградата за најдобар режисер на Сингапурскиот филмски фестивал. Во 2005 , неговиот втор игран филм ‘Падот на ангелот’, имаше светска премиера на Берлинале Форум и доби награда за најдобар филм во Нант, а неговиот трет игран филм ‘Јајце’, кој премиерно беше прикажан во 2007 година на Канскиот филмски фестивал доби 30 награди. Овој филм беше првиот дел од ‘Трилогијата Јусуф“ што го направи Капланоглу светски познат како режисер. Во 2008 , филмот ‘Млеко’ премиерно беше прикажан во официјалната конкуренција на Венецискиот филмски фестивал, а потоа и на низа други фестивали ширум светот и му донесе повеќе меѓународни награди, вклучувајќи ја и наградата на ФИПРЕСЦИ на фестивалот во Истанбул“, рече Доксевски.
Б. НЕСТОРОСКА