ФИЛМАЏИИТЕ БАРААТ ДА СЕ РЕПАРИРА КАМЕРАТА 300 НА БРАЌАТА МАНАКИ

    ФИЛМАЏИИТЕ БАРААТ ДА СЕ РЕПАРИРА КАМЕРАТА 300 НА БРАЌАТА МАНАКИКинематограферот и продуцент Томи Салковски рече дека добро е да се покрене иницијатива за репарација на камерата која е дел од македонската филмска историја. (Фото: СДК.МК)

    Краткометражниот нем филм „Љубовникот” што беше прикажан на отворањето на фестивалот „Браќа Манаки” било планирано да се сними со Камерата 300 на браќата Манаки. Но, филмаџиите рекоа дека камерата, која се чува во Архивот во Битола, има проблем со објективот, а буџетот за филмот не дозволувал камерата да се репарира.

    „Сакавме да ја репарираме камерата, се правеше инспекција на камерата. Но, како и за сѐ во Македонија се соочивме со буџетски ограничувања, бидејќи тој процес не може да влезе во буџетот за еден краткометражен филм. Агенцијата за филм обезбеди средства и ние го снимивме со стандарна техника од денешно време. Сакавме да направиме едно, испадна друго”, рече режисерот Игор Иванов.
    Кинематограферот и продуцент Томи Салковски рече дека добро е да се покрене иницијатива за репарација на камерата која е дел од македонската филмска историја.

    „Сега во светот се помалку се работи со филмска камера. Тоа беа дополнителни средства. Мислам дека треба да постои иницијатива камерата да се репарира и да се врати во функција. Има малку проблем со објективот. Тој е фиксиран. Механизмот функционира, во добра состојба е. Не можевме да дојдеме до точна пресметка колку ќе чини. Се прават проби, се снима материјал и се носи во лаборатирија и потоа стручни лица оценуваат што да се направи. Не навлеговме до толку, немаше средства од буџетот и нон сенс беше да се навлегува во тоа”, рече Салковски.

    Камерата 300 е од почетокот на минатиот век и со неа снимале Браќата Манаки.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира