„Сестри“, првиот долгометражен филм на режисерката Дина Дума , вчера имаше светска премиера на Филмскиот фестивал во Карлови Вари, најголемиот фестивал во Чешка. Тој е еден од најстарите филмски фестивали од А категорија, заедно со фестивалите во Кан, Верлин, Венеција, Локарно, Сан Себастијан.
Филмот, зад кој стои „Лист продукција“ се прикажа во натпреварувачката програма Источно од Западот, каде влегуваат први или втори долгометражни филмови на авторите и документарци од Централна и Источна Европа, Балканот, земјите од поранешниот Советски Сојуз, Средниот исток и Северна Африка. Станува збор за филмови кои ќе имаат светска или европска премиера на овој фестивал.
„Сестри“ е приказна за две тинејџерки чие пријателство е ставено на тест, кога тие се соочени со последиците од нивното декадентно однесување.
Продуцентка е Марија Димитрова, сценариото е на Дума и Мартин Иванов, кинематографер е Наум Доксевски, монтажер Мартин Иванов, сценографијата ја правеа Кирил Спасевски и Симо Бранов, костимите Роза Трајческа-Ристовска, а шминката е на Жанета Димитриевска.
Дума го сними филмот во 2019, на урбани локации низ Скопје во продукција на „Лист“.
„Сестри“ е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија и е регионална копродукција со Црна Гора и Косово.
Б. НЕСТОРОСКА