ФИЛМСКИОТ КЛАСИК „МЕМЕНТО“ НА ДИМИТРИЕ ОСМАНЛИ ЌЕ СЕ ПРИКАЖУВА НИЗ ЕВРОПСКИ КИНА ВО ПРОЕКТ ЗА ПРИВЛЕКУВАЊЕ МЛАДА ПУБЛИКА

    ФИЛМСКИОТ КЛАСИК „МЕМЕНТО“ НА ДИМИТРИЕ ОСМАНЛИ ЌЕ СЕ ПРИКАЖУВА НИЗ ЕВРОПСКИ КИНА ВО ПРОЕКТ ЗА ПРИВЛЕКУВАЊЕ МЛАДА ПУБЛИКА„Мементо“ од 1967 е филм за Вили Милер, германски диригент на пропатување низ Македонија, и Јана, млада девојка студентка, кои се запознаваат еден ден пред земјотресот во Скопје во 1963 година. (Фото: Кинотека)

    Македонскиот филм „Мементо“ на режисерот Димитрие Османли, снимен во 1967, е еден од деветте филмови на земјите-партнери на „Филм Нова Европа“, кои ќе бидат дел од 4. издание на проектот „Сезона на филмски класици“, организирана од АЦЕ (Асоцијација на европските кинотеки). Како што соопшти Кинотеката, од јуни до декември, со проекции низ различни европски кина, како и бесплатни онлајн-проекции, овие филмови ќе бидат прикажани во рамки на овој проект чија цел е да го промовира заедничкото културно наследство преку филмско наследство, со особен акцент кон привлекување на младата публика.

    Оваа година Кинотеката на програмата на „Сезона на филмски класици“ ќе го прикажува филмот на Османли, за Јана која низ разговори и реминисценција со германскиот диригент Вили Милер се сеќава на нејзиното миното и семејната трагедија која ја доживеала во катастрофалниот земјотрес во Скопје на 26 јули 1963. Со оваа проекција на „Мементо“ како дел од европските филмски класици, Кинотеката ќе ја одбележи 60-годишнината од разорниот земјотрес што го погоди Скопје во 1963. Поголемиот дел од градот беше претворен во урнатини, околу 2.000 луѓе загинаа, а неколку стотици илјади ги загубија своите домови.

    Во програмата „Сезона на филмски класици“, оваа година се вклучени повеќе од 20 институции кои се грижат за европското филмско наследство, вклучувајќи ги Југословенската кинотека – Југословенски филмски архив од Белград, Националниот филмски институт Унгарија – Филмската архива од Будимпешта, Словенечката кинотека од Љубљана, Чешкиот филмски архив од Прага, Кинотеката на Македонија од Скопје, Бугарскиот национален филмски архив од Софија, Кинотеката на Националниот архив на Естонија од Талин и Државниот архив на Хрватска – Хрватската кинотека од Загреб.

    За време на Канскиот филмски фестивал, на 19 мај Асоцијацијата на европски кинотеки објави дека Националниот филмски институт на Унгарија – за филмот „По смртта“ на Алфред Дези – е добитник на грантот наменет за заедничка реставрација, чиј буџет изнесува 40.000 евра. Филмот ќе биде реставриран заедно со Белгискиот национален филмски архив и Француската кинотека. Жирито кое одлучуваше за доделувањето на грантовите беше составено од режисерите Раду Жуде од Романија и Саодат Исмаилова од Узбекистан, генералниот директор на „АРТЕ Франција“ – Оливие Пер и филмскиот куратор и едукатор – Сесилија Барионуево.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира