ГРАН ПРИ НА ФЕСТИВАЛОТ НА АНТИЧКА ДРАМА „СТОБИ“ ЗА ПРЕТСТАВАТА „ОДИСЕЈ“ НА ТЕАТАРОТ ОД ПЛОВДИВ

    ГРАН ПРИ НА ФЕСТИВАЛОТ НА АНТИЧКА ДРАМА „СТОБИ“ ЗА ПРЕТСТАВАТА „ОДИСЕЈ“ НА ТЕАТАРОТ ОД ПЛОВДИВВо претставата настапува бројна актерска и танчарска екипа и ја воодушеви велешката публика. (Фото: СДК.МК)

    Претставата „Одисеј“ според Хомер, на Драмскиот театар од Пловдив, Бугарија, го освои Гран прито на Фестивалот на античка драма „Стоби“ во Велес, како и наградата за режија за Дијана Добрева. Актерски награди ги добија Јелена Ѓукиќ како Клитемнестра и Ѓорѓе Татиќ како Агамемнон кои настапија во претставата „Ифигинеја“ копродукција на театрите од Колашин и Бијело Поље од Црна Гора. Ова се одлуки на жирито во состав Ѓорѓи Јолевски, Билјана Драгичевиќ Пројковска актери и режисерот Дејан Дамјановски, кои ги донеле едногласно.

    „Благодарам на жирито за наградите и на приемот од публиката. Вечерта кога ја одигравме претставата ми ја потврди моја мисла, дека едно од најголемите цели на театарот е да ги обединува луѓето. Тоа што во Велес го доживеавме беше момент на многу љубов и на многу радост“, кажа Добрева.

    Во претставата настапува бројна актерска и танчарска екипа и ја воодушеви велешката публика.

    Добрева ја има работено претставата „Магбет“ на Албанскиот театар од Скопје а на Фестивалот „Скупи“ има гостувано со „Слугинки“ од Жане. Во официјална конкуренција на фестивалот беа пет претстави, сите од странство и се одиграа на сцената на велешки театар, бидејќи античкиот во локалитетот Стоби се обновува. Во чест на наградените беше изведен балетот „Госпоѓиците од Авињон„ на Македонската опера и балет. Во придружната програма има 20 други настани, претстави, промоции, изложби, дел од содржините годинашното издание на фестивалот „Стоби“.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира