ГРЧКИОТ КИНЕМАТОГРАФЕР АРВАНИТИС Е ВТОРИОТ ДОБИТНИК НА ЗЛАТНАТА КАМЕРА 300 НА 40. ИЗДАНИЕ НА „БРАЌА МАНАКИ“

    ГРЧКИОТ КИНЕМАТОГРАФЕР АРВАНИТИС Е ВТОРИОТ ДОБИТНИК НА ЗЛАТНАТА КАМЕРА 300 НА 40. ИЗДАНИЕ НА „БРАЌА МАНАКИ“Јоргос Арванитис се обрати преку снимена видеопорака на прес-конференцијата на којашто беше објавено неговото име (Фото: СДК.МК)

    Угледниот грчки кинематографер со француска адреса Јоргос Арванитис е вториот добитник на наградата за животно дело Златна камера 300 на годинашниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, придружувајќи му се на својот американски колега Ед Лакман, чие име претходно беше соопштено.

    Седумдесет и осумгодишниот Арванитис зад себе има кариера долга повеќе од пет децении, која брои над 140 филмови, а особено е прославена неговата соработка со еден од најпознатите грчки режисери Теодорос Ангелопулос. Почнувајќи од 1970 година, тие заедно работеа на десет филмови, од кои последниот, „Вечноста и еден ден“, беше награден со Златна палма во Кан во 1998 година.

    „Арванитис е француско-грчки кинематографер и филмски уметник кој работел со големи имиња од грчкиот и од европскиот филм, но и со оние кои штотуку доаѓаат. Кога телефонски му соопштивме дека е лауреат, тој остана без зборови и имаше долга пауза во слушалката“, изјави директорката на фестивалот Гена Теодосиевска.

    Таа додаде дека една награда ќе биде доделена на отворањето, а другата на затворањето на фестивалот, за да се увеличи неговото 40. издание, што ќе се одржи од 14 до 21 септември.

    Г. КОНЕВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари