Филмот „Барби“ на Грета Гервиг, по само две и пол недели прикажувања во кината ширум светот, заработи над 1 милијарда долари, соопшти „Ворнер брос пикчерс“. Грета Гервиг, која е и косценаристка на филмот, стана прва режисерка која ја надмина границата од милијарда долари заработка. Други режисерки ја имаат надминато оваа граница, но само како корежисерки. Дистрибутерите на филмот велат дека тој ги надминал нивните „најоптимистички предвидувања“.
Само во САД и Канада филмот од билети заработи 549 милиони долари, а од почетокот на прикажувањето на 21 јули во светот се продадени билети во вредност од 572,1 милиони долари. Продажбата е потврдена и од фирмата за медиумска анализа Комскор.
Главниот конкурент на „Барби“ во последните две недели, биографскиот филм за Опенхајмер на Кристофер Нолан, дома заработи 228,6 милиони долари и 552,9 милиони долари на глобално ниво, со што е филм со најголема заработка меѓу филмовите кои се само за возрасни.