ИНСПЕКТОРАТОТ ЗА УПОТРЕБА НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК ЧЕКА СОГЛАСНОСТ ЗА ВРАБОТУВАЊА НА ИНСПЕКТОРИ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ

    ИНСПЕКТОРАТОТ ЗА УПОТРЕБА НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК ЧЕКА СОГЛАСНОСТ ЗА ВРАБОТУВАЊА НА ИНСПЕКТОРИ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ„Се надевев дека до 31 декември ќе имам можност да објавиме конкурс за избор на инспектор, но верувам дека тоа ќе се случи многу скоро, бидејќи ги правиме сите напори и сѐшто е во наша моќ вработувањата да се случат колку што може побрзо“, рече Андреева. (Фото: К. Попов)

    Сѐ уште не се вработени инспектори во Инспекторатот за употреба на македонскиот стандарден јазик, бидејќи се чека согласност за вработување од Министерството за финансии, рече директорката на Инспекторатот, Менче Андреева, на брифингот со новинарите организиран од Министерството за култура и туризам.

    После цела година откако беше изгласан Законот за употреба на македонскиот јазик, Владата на крајот на март ја назначи Андреева за директорка на Инспекторатот. Со овој закон, меѓудругото, пропишано е задолжително лекторирање на сите материјали со објавување на лекторот и задолжително вработување лектори во органите на законодавната, судската и извршната власт, во сите јавни установи и институции, во медиумите и конзулатите, тука спаѓаат и правните лица и меѓународните организации.

    „Од крајот на март, после моето назначување, она што мораше да се направи е да се уреди Инспекторатот, односно да дојде како орган на Министерството за култура, а за тоа беше потребно да се направат усогласувања на законите. Направивме усогласување на Законот за македонски јазик со Законот за инспекциски надзор. Откако ова усогласување ги помина собраниските процедури , Инспекторатот го ставивме во функција како орган во состав на Министерството“, рече Андреева.

    Потоа направиле измена на планот за  систематизација на Министерството и со тоа биле утврдени работните места кои треба да бидат во рамките на Инспекторатот. Имаат систематизирано вкупно 50 работни места, од кои 28 се однесуваат на работното место инспектори. Потоа го правел Годишниот план за работа за 2025 и Годишниот план за работа за 2026.

    Во меѓувреме поднеле и барање за измена на планот за вработување на Министерството, во кој биле содржани работни места само за инспектори.

    „Бидејќи во овој период работиме со административните работници и службите од Министерството, решивме работните места да ги ограничиме само на инспектори и со тоа да ја убрзаме постапката за вработување. Се уште чекаме согласност од Министерството за финансии. Според систематизацијата се 28, но бројот кој ние го бараме е многу помал. Колку вработени ќе има точно ќе видиме по добивањето на оваа согласност. Се надевев дека до 31 декември ќе имам можност да објавиме конкурс за избор на инспектор, но верувам дека тоа ќе се случи многу скоро, бидејќи ги правиме сите напори и сѐшто е во наша моќ вработувањата да се случат колку што може побрзо“, додаде директорката.

    Она што е законска обврска на инспекторите, откако ќе се вработат, да имаат обука од 12 месеци, па после таа обука да полагаат испит и да се стекнат со лиценца. Но, вели таа, обуката се состои од два дела, првиот трае 3 месеци и тоа е теоретска обука. Во останатиот период од 9 месеци, тие треба да работат на терен со помош на ментори и тогаш ќе имаат можност да направат увид во состојбата на терен.

    Инспекторатот подготвува информација која треба да биде доставена до Генералниот секретаријат на Влада, со која се бара од сите државни инситуцуии да достават до Инспекторатот известување дали имаат систематизирано работно место лектор во својата институција и дали имаат вработено лектори.

    „Сакавме со тоа да направиме една анализа колку лектори се вработени и колку вработувања ќе треба да се направат во наредниот период. Сега не сме во можност како Инспекторат да им наложиме во институциите да вработат лектори. Тоа ќе може откако ќе се вработат инспекторите и ќе се стекнат со лиценца“, реле Андреева.

    Инспекторатот за употребата на македонскиот стандарден јазик ќе врши надзор над примената на Законот за употреба на македонскиот јазик и на прописите донесени врз основа на овој закон. Собранието го изгласа Законот на 26 јануари 2024, една година после првата јавна расправа. Предлогот-законот го подготвија тогашниот состав на Советот за македонски јазик и Министерството за култура, кога министерка беше Бисера Костадиновска-Стојчевска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира