СОБРАНИЕТО ГО ИЗГЛАСА НОВИОТ ЗАКОН ЗА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК, ЕДНА ГОДИНА ПОСЛЕ ПРВАТА ЈАВНА РАСПРАВА

    СОБРАНИЕТО ГО ИЗГЛАСА НОВИОТ ЗАКОН ЗА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК, ЕДНА ГОДИНА ПОСЛЕ ПРВАТА ЈАВНА РАСПРАВАСо изгласувањето се добива нов и современ закон за македонскиот идентитет и култура, рече во Собранието министерата Костадиновска-Стојчевска. (Фото: К. Попов)

    После точно една година од првата јавна расправа, Собранието денеска го изгласа новиот Закон за употреба на македонскиот јазик, за кој министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска со месеци апелираше дека е од неопходно значење за зачувување на јазикот.

    „Денеска правиме вистински потфат во унапредувањето на јазикот и зацврстување на македонскиот идентитет. Односот спрема јазикот претставува детектор кој јасно ги покажува нашите намери и на сите оние што учествуваа во транспарентната постапка на неговото изготвување. И на јазикот се кршеа копја и се водеше политикантство, но покажавме дека со јазикот, културата и македонскиот идентитет нема компромиси“, рече министерката за култура.

    Со овој закон, меѓу другото, пропишано е задолжително лекторирање на сите материјали со објавување на лекторот и задолжително вработување лектори по македонски јазик во сите јавни институции и органи на власта.

    „Со доследната примена на овој закон, ќе се пристапи кон вработување лектори по македонски јазик во сите државни институции и агенции, во училиштата, во издавачките куќи, во медиумите и секако дека со тоа ќе се зголеми интересот за студирање македонски јазик“, велат од Министерството за култура.

    Според Костадиновска-Стојчевска, со изгласувањето на овој закон, се добива нов и современ закон за македонскиот идентитет и култура, но и закон кој е пример како треба да се изработува еден правен акт кој е од заеднички интерес, а тоа е со широка јавна дискусија и соработка на сите засегнати страни.  Таа се заблагодарист до сите членови на Советот за македонски јазик, до Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, до реномираните лингвисти, македонисти, професори.

    Министерката на пратениците им кажа дека стариот Закон од 1998, кој претрпе само некои незначителни измени со текот на годините, ја изврши својата првична функција, но сè повеќе се забележуваше непочитување на законските мерки и негрижа за македонскиот јазик. Затоа, додаде таа, во државата постои сериозно јадро на институции и професионалци кои многу грижливо и систематично го штитат и го унапредуваат македонскиот јазик.

    За вршење инспекциски надзор над примената на Законот ќе се основа Инспекторат за употреба на македонскиот стандарден јазик, а Законот дава правна основа за донесување Национална стратегија за македонскиот јазик. Од овој закон поизлегуваат важни иницијативи, меѓу кои и стипендирање ученици во четврта година од средното образование и на додипломски, магистерски и докторски студии.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира