Од денес до 29 октомври во Мултимедијалниот центар Мала станица, објект на Националната галерија на Македонија (НГМ), ќе биде претставен проект – инсталација во простор на уметничката група Колектив ЗЕРО.
„Колектив Зеро” (нула, ништо, безначајност) се формира во 1985 во институциите на Старата скопска чаршија.
„Колективот Ø – Зеро, во 1980-те години на 20. век претставуваше парадигма за вонинстиуционално генерациско дејствување на македонската ликовна сцена. Нивниот иронично-критички уметнички став го означи методолошкиот и интерпретативен пресврт со раскинувањето на стереотипите на ‘големите модернистички наративи’. Преку интертекстуалноста, интермедијалноста, пародијата или субверзијата на историско-идеолошките дискурси со различните стилски пристапи, групата стана препознатлив знак за македонската постмодерна. Проектот ‘Noment est omen’ е рефлексија и визуелна реакција на претходно опишаното и актуелните случувања во Македонија и пошироко “, велат од НГМ.
Членови на уметничката група се: Ацо Станкоски, Синиша Цветковски, Ибрахим Беди, Зоран Јаневски, Горанчо Ѓорѓиевски, Миодраг Десовски, Стеван Шашков, Сашо Јовчевски, а беше и Златко Трајковски, кој почина во 2017.