„Континуитет како метафора 1967 – 2012 / 2012 – 2025“ е насловена изложбата на уметникот Васил Василев, што ќе се отвори вечерва во 19 часот во Даут пашин амам, објект на Националната галерија на Македонија (НГМ). Кураторка на изложбата е Викторија Васева-Димеска, организатори се Маја Неделкоска-Брзанова, кустос советник и Александра Зиновски-Вилиќ, кустос.
„Скулпторскиот опус на Васил Василев е еден континуум на темелни, истрајни и инвентивни истражувања. И покрај тоа што неговиот развоен пат се движеше од конкретни фигуративни облици, до сведување на фигурата на знак, основните параметри не се променија, како и односот кон објектот. Без оглед на одредени стилски поместувања во ракописот, зависни и од матрицата на непосредни или посредни инспиративни доживувања, неговиот ликовен опус дозволува да се дефинира низ варијациите кои се одвиваа внатре во една усвоена и со време доградувана и надградувана ликовна синтакса“, вели Васева-Димеска.
Василев (87) се запишал на Академиjата за ликовни уметности во Љубљана, во класата на проф. Борис Калин и проф. Драго Тршар. Студиите ги продолжил во Белград каде и дипломирал во 1965 на Академијата за ликовни уметности, во класата на проф. Jован Кратохвил. Член е на Друштвото на ликовни уметници од 1966. Остварил студиски патувања во: Италија, Франција, Германија, Грција, Бразил, Египет, Кина, САД…
Изложбата ќе трае во наредните 30 дена.