Речиси 400 дела содржи изложбата „Мултиверзум“ на уметникот Симон Шемов, која ќе се отвори вечерва во 20 часот во Даут пашин амам, објект на Националната галериија на Македонија (НГМ) во Скопје.
„Мултиверзум“, како што вели кураторката на проектот Ана Франговска, се занимава главно со аспекти на космологијата и космогонијата, т. е. со „проблемите на појавата и егзистирањето на космосот и универзумот, а секако, преку оваа општа феноменолошка семантика, и со посебната хуманистичка егзистенцијална природа на човекот, трагање кон посебното од општото или обратно, преку субјективното и сингуларното кон безграничното“.
Франговска вели дека во најновиот опус од речиси 400 дела, се издвојуваат четири феноменолошки аспекти кои се аналогни на неговите повторливи интереси низ хронологиската матрица и се провлекуваат како дискурсни нишки низ неговиот целокупен уметнички опус (од почетоците, во средината на 1960-тите до денес).
„Предизвикот од детството на неговото сликарство, сè уште ја надразнува неговата истражувачка мисија, која почнува од една точка со туш, а до денес љубопитно ѕирка зад оградата, зад неговите Паравани, со трајна надеж дека еден ден истражувачкиот процес ќе го доведе до одговорот за вистината на постоењето на нас самите, на сите во неограничената космогонија. Истрагата продолжува, не е на повидок THE END. Шемов е вљубен во живиот свет. Тука е сосредоточена неговата неизмерлива тврдоглавост да го растајни опстанокот во целиот универзум, каков, колкав и каде и да е“, вели историчарката на уметност и критичарка Соња Абаџиева.
На отворањето ќе говорат директорката на Националната галерија Дита Старова-Ќерими, академик Влада Урошевиќ и Франговска.
Изложбата ќе трае до 27 ноември.
Б. НЕСТОРОСКА