Не се распаѓа објектот на Музејот на Македонија, вели директорката Мирјана Нинчовска на обвинувањата на Советот за култура на СДСМ, од каде што велат оти објектот прокиснува, а депоата се заразени од мувла.
„Да, точно е. За инвестиции се побарани пари за санација и поправки единствено за делот на управната зграда, каде што безмалку веќе е сменет целиот мувлосан теписон, со ламинат. Депоата се санираат во фази, а за нив користиме средства од програмата. Министерството си знае како ги распределува“, вели директорката Нинчовска.
Таа вели оти кровот во комплексот на Музејот, кој е изграден пред 50 години, е саниран пред неколку години и дека е решен проблемот и со протекувањето во административната зграда. Нинчовска потенцира дека 1.200 метри квадратни подна површина и околу 3.300 метри квадратни ѕидни површини во депоата се санирани изминативе две години. Таа додава оти се работи за објект со илјадници квадратни метри кои се одржуваат во фази и дека во Годишната програма во програмскиот дел има одобрено средства за втора фаза за уредување на етнолошкото депо.
Експертите ги делат инвестициите и програмата, па реагираат дека во однос на инвестициите не се побарани средства за искршениот голем стаклен фасаден ѕид кој не е саниран, а е последица на есенскиот земјотрес во Скопје, за поправка на грдиот и распаднат приод по скалите кон Музејот и на откорнатиот плочник на платото, за климата која е речиси како домашен уред, а која ги чува скапоцените икони.
За сите овие забелешки директорката има одговори: „Скршеното стакло е дел од поголем проект, а платото е заеднички проблем што треба да се решава со Националниот конзерваторски центар. Иконите се чуваат по сите стандарди. Имаме систем за мерење на влагата, за отстранување вишок влага. Сѐ е како што треба. Тој клима уред што е во дворот е едноставно апарат на кој му поминал рокот“.
Во однос на програмата на Музејот, кој откако археологијата се оддели во посебен музеј, остана со одделите за историја и за етнолгија, познавачите велат оти се работи за исклучително живи материи на кои не им се посветува доволно внимание, па додаваат: „Во етнологијата сѐ уште има големо неоткриено богатство, има луѓе кои сакаат да подарат реткости, предмети, накит, носии, но со оглед на импровизираните околности не одат во Музејот, и по цена тие реткости да исчезнат“.
Научните кругови реагираат оти нема доволно истражувачки проекти, а директорката Нинчовска вели дека со нејзиното 20-годишно искуство како историчар во Музејот секогаш имало незадоволни, иако признава:„Да, имаме нешто помалку истражувања од порано“.
Во програмскиот дел има повеќе тековни работи од затворен тип за вработените, нема голема домашна изложба или некое гостување од сроден музеј од светот, како што јавноста памети.