КИНЕМАТОГРАФЕРИТЕ НА НОЛАН И ФИНЧЕР, ВОЛИ ФИСТЕР И ДАРИУС КОНЏИ, ЛАУРЕАТИ НА ЗЛАТНА КАМЕРА 300 НА „БРАЌА МАНАКИ“ ВО БИТОЛА

    КИНЕМАТОГРАФЕРИТЕ НА НОЛАН И ФИНЧЕР, ВОЛИ ФИСТЕР И ДАРИУС КОНЏИ, ЛАУРЕАТИ НА ЗЛАТНА КАМЕРА 300 НА „БРАЌА МАНАКИ“ ВО БИТОЛАФистер ќе добие Специјална Златна Kамера 300 за особен придонес во филмската уметност, а Конџи за животно дело.

    Кинематограферот оскаровец Воли Фистер, соработник на режисерот Кристофер Нолан и кинематограферот Дариус Конџи, кој има две номинации за Оскар за филмовите „Евита“ на Алан Паркер  и „Бардо“ на Алехандро Гонзалес Ињариту се двајца нови лауреати на 46. издание на Интернационалниот  фестивал на филмска камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ во Битола (20-26 септември).

    Директорот на Фестивалот, Димитрија Доксевски на денешната прес-конфернција кажа дека Фистер, кој работел на филмовите на Нолан „Зачеток“, „Темниот витез“, „Бетмен почнува“ и „Мементо“,  ќе добие Специјална Златна Kамера 300 за особен придонес во филмската уметност и ќе одржи работилница во Битола. Фистер во 2011 доби Оскар за најдобра кинематографија за „Зачеток“.

    Иранско-францускиот кинематографер Конџи, кој работел на филмовите како „Седум“ и „Соба за паника“ на Дејвид Финчер, „Плажата“ на Дени Бојл, „Полноќ во Париз“ на Вуди Ален, „Украдена убавина“ на Бернардо Бертолучи, а има снимано и видеоспотови за ѕвезди како Мадона, Леди Гага и Тејлор Свифт, ќе добие Златна камера 300 за животно дело.

    Македонските филмови „Мајка “ на Теона Митевска и „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски ќе го отворат и затворат 46.издание на „Браќа Манаки“.

    Турскиот режисер Семих Капланоглу е годинашен добитник на Специјалната Камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност.

    Композиторот и еден од најзначајните современи музичари Кирил Џајковски е годинашен добитник на наградата Голема ѕвезда на македонскиот филм што ја доделува Друштвото на филмски работници (ДФРМ).  Наградата на Џајковски ќе му биде врачена на затворањето.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира