КИНОТЕКАТА ОДБЕЛЕЖУВА 70 ГОДИНИ ОД ПРЕМИЕРАТА НА ПРВИОТ МАКЕДОНСКИ ИГРАН ФИЛМ „ФРОСИНА“

    КИНОТЕКАТА ОДБЕЛЕЖУВА 70 ГОДИНИ ОД ПРЕМИЕРАТА НА ПРВИОТ МАКЕДОНСКИ ИГРАН ФИЛМ „ФРОСИНА“Премиерата се одржала на 28 јуни 1952 во скопското кино „Култура“, а во главните улоги се Мери Бошкова и Ацо Јовановски (Фото: Кинотека)

    Кинотеката на Северна Македонија ја одбележува 70-годишнината на првиот македонски игран филм „Фросина“, во режија на Војислав Нановиќ, а во продукција на „Вардар филм“. Фросина“, заедно со „Мирно лето“, минатата година беше дигитално реставриран во лабораторијата „Клик филмс“ во Загреб и Кинотеката ќе ја објави оваа верзија на блуреј диск.

    Сценариото за „Фросина“ го напишал Владо Малески, а премиерата била одржана на 28 јуни 1952 во скопското кино „Култура“. Снимен во црно-бела техника на 35-милиметарска лента, филмот е со времетраење од 79 минути.

    Во оваа социјална драма се зборува за егзистенцијата, печалбарскиот живот, Втората светска војна и трагедијата на една мајка која го губи синот единец. Насловната улога ја толкува Мери Бошкова, а во другите улоги се Ацо Јовановски, Петар Велјановски, Наѓа Подерегин, Петре Прличко, Илија Џувалековски…

    Директор на фотографија е Киро Билбиловски, композитор на музиката е Трајко Прокопиев, сценографијата е на Милан Васиќ, а асистент на режија е Трајче Попов.

    Режисерот Нановиќ имал македонско потекло, од Дојран, но бил роден во Скопје, каде што го поминал детството. Пред снимањето на „Фросина“ бил на неколкумесечен студиски престој во Лондон, каде што специјализирал филмска режија и каде што колега му бил Ингмар Бергман. „Фросина“ му бил трет игран филм, по „Бесмртна младост“ и „Волшебниот меч“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира