Делата на писателите Оливера Ќорвезироска, Бранко Цветкоски, Хана Корнети, Елизабета Шелева и Ахмет Селмани се добитници на петте годишни награди на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ). Жири-комисиите за наградите денеска ги соопштија одлуките, а наградите ќе им бидат врачени на 13 февруари во 12 часот на свеченоста за 79-годишнината од основањето на писателската асоцијација.
Романот на Ќорвезироска „Три Марии“, во издание на „Арс Ламина“, ја доби наградата за најдобро прозно дело „Стале Попов“, за којао мнозинство гласови одлучи жирито на чело со Соња Стојменска-Елзесер и членовите Снежана Младеновска-Анѓелков и Давор Стојановски.
„Романот ‘Три Марии’ посебно се издвојува од годинешнава прозна продукција со стилската перфекција и со раскрилувањето на потенцијалите на јазикот, кој под перото на Ќорвезироска понира во замрсените емотивни јазли на женските ликови и во сите три приказни се реализира со посебна наративна техника: раскажување во трето лице, во јас-форма и во облик на обраќање. Интересен е и провоцираниот култ кон засведоченост на раскажаното со употреба на проверливи реалии, но истовремено и изместување на оптиката со соништа, визии и зачудни елементи“, се вели меѓудругото во образложението на жирито.
Наградата „Ацо Шопов“ за најдобра поетска збирка ја доби „Вообразби (лирски етиди за некој друг свет)“ од Бранко Цветкоски во издаине на „Макавеј“, со едногласна одлука на жирито на чесо со Иван Џепароски и членовите Ристо Василевски и Милован Стефановски.
„Метафизичкиот строеж на спокојните стихови на Цветкоски пленува со својата продлабоченост, префинетост и музикалност, покажувајќи ни по којзнае кој пат дека вистинската и врвна лирска поезија умее да нè вознесе и да нè отргне од баналноста и од тривијалноста на неосмисленото живеење, но и дека со својата автентичност на доживувањето на светот поетот може да ја оствари и толку посакуваната хармонија меѓу мислењето и пеењето“, се вели меѓудругото во образложението на жирито.
Наградата „Ванчо Николески“ за најдобро дело за деца и млади ја доби „Илина и тајните на Бабин заб“ од Хана Корнети во издание на „Или-или“, со едногласна одлука на жирито на чело со Симона Јованоска и членовите Искра Донева и Ванчо Полазарески.
„Книгата ги промовира вредностите на пријателството, емпатијата и самопознанието, а истовремено ги поттикнува читателите на критичко размислување и длабоко фантазирање…“, вели жирито.
„Книжевни созвучја и огледала“ од Елизабета Шелева („Сивејан“) ја доби наградата „Димитар Митрев“ за најдобро дело или есеистика, со едногласна одлука на комисијата на чело со Наташа Аврамовска и членовите Анастасија Ѓурчинова и Ангелина Бановиќ-Марковска.
„Книгата ја чинат дваесет и три студии и соопштенија.Она што е ненаметливо, но консеквентно присутно во овие студии е проследувањето на транснационалните аспекти на современата книжевна продукција“, се вели меѓудругото во образложението на жирито.
Наградата „Мост“ за најдобро дело објавено од член на ДПМ на некој од јазиците што го зборуваат националностите во Македонијај ја доби „Embsuame Paskajore” (Инфинитивна поука) од Ахмет Селмани („Академска мисла“), со едногласна одлука на жирито со кое претседаваше Делвина Крлукуи членовите Олег Дементиенко и Гордана Јовиќ-Стојковска.
„Причините за избор на оваа поетска книга се повеќеслојни и се однесуваат токму на она што е најважно за еден сериозен книжевен зафат: концепт, кохерентност, препознатливост и долгорочна вредност“, вели жирито.



