КРАТКИОТ ФИЛМ „НАЛЕПНИЦА“ НА ГЕОРГИ М. УНКОВСКИ УТРЕ ПРЕМИЕРНО НА САНДЕНС

    КРАТКИОТ ФИЛМ „НАЛЕПНИЦА“ НА ГЕОРГИ М. УНКОВСКИ УТРЕ ПРЕМИЕРНО НА САНДЕНС„Налепница“ на Георги М. Унковски е црна комедија,филм за љубовта помеѓу татко и ќерка. - Анастасија Аневска во сцена од „Налепница“. (Фото: Н. Доксевски)

    Краткиот игран филм „Налепница“, по сценарио и режија на Георги М. Унковски, утре ќе има светска премиера на 39. издание на најголемиот американски фестивал на независен филм Санденс, основан од легендарниот актер и режисер Роберт Редфорд. На фестивалот што почнува денес во Парк сити, Јута и ќе трае до 2 февруари, „Налепница“ е ново дело од Македонија, по ланскиот успех на документарецот „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубо Стефанов, кој тука ги освои првите три награди.

    Во 2018, кусиот „Види ја ти неа“ на Горан Столески победи во селекцијата за краток филм.

    Премиерата на „Налепница“ е во селекцијата Меѓународни кратки играни филмови, а ќе има уште три проекции на 25, 28 и 30 јануари. Филмот е селектиран меѓу над 5.000 пријавени за оваа програма, во која се избрани 74 филмови од 27 земји.

    „’Налепница’ е микс на еден вид потрага по среќа и искупување, но исто така е и еден вид социјален коментар на општеството. На крајот, филмот е за љубовта помеѓу татко и ќерка “, вели Унковски во видеото објавено на интернет страницата на Санденс.

    Триесет и шестото издание на Санденс отвора со премиерата на документарниот филм за поп пејачката Тејлор Свифт, „Мис Американа“, кој го следи подемот на пејачката како активистка. Според Асошиејтед прес (АП), Санденс секоја година носи свежина во период кога привршува сезоната на награди во Холивуд.

    „Годинашното издание не е само најинклузивно досега, со оглед на тоа дека 44 отсто од 118 долгометражни филмови се режирани или корежирани од жени, а 34 отсто се дела на режисери од други раси освен бела, туку носи и динамична нишка на гордо неконвенционално наративни и документарни филмови“, вели АП.

    „Медена земја“ лани освои три награди меѓу кои и Главната награда од жирито во програмата Светски филм за документарци, Специјалната награда од жирито за влијание за промена за Котевска и Стефанов како и Специјална награда за камера за Фејми Даут и Самир Љума. Во 2018, кусиот „Види ја ти неа“ на Горан Столески победи во селекцијата за краток филм.

    Премиерата на 19-минутниот „Налепница“ беше на крајот на септември во киното Фросина во Скопје. Филмот е црна комедија, во која главниот лик по неуспешниот обид да ја обнови својата сообраќајна дозвола, тргнува на пат и запаѓа во серија бирократски проблеми.

    Во продукција на „Синема футура“, филмот се снимал шест дена на повеќе локации низ Скопје. Главната улога ја игра Сашко Коцев, кој ја играше главната улога и во дебито на Унковски, краткометражниот „Пепи и Муто“. Во екипата се и Мони Дамевски, Џевдет Јашари, Љупчо Тодоровски-Упа, Соња Стамболџиоска, Димитрија Доксевски, Калина Димитриовска, Анастасија Аневска и Матеј Настевски.

    Сашко Коцев во сцена од „Налепница“. (Фото: Н. Доксевски)

    „Снимањето филм за мене e предизивик затоа што земам дел по дел од реалноста и се трудам да го однесам до некој екстремизам, да го преувеличам. Најчесто се инспирирам од Македонија, од Скопје, градот кој има многу голем контраст во луѓето и во начинот на живеење, кој исто има и неверојатна бирократска машинерија. Така што, овој филм е микс на еден вид потрага по среќа и искупување, но исто така е и еден вид социјален коментар на општеството. На крајот, филмот е за љубовта помеѓу татко и ќерка “, вели Унковски во видеото објавено на интернет страницата на Санденс.

    Кинематографер е Наум Доксевски, сценографијата е на Кирил Спасевски, костимите на Роза Трајческа, додека на маската и шминката на главниот лик работеле Снежана Ангеловска и Ирена Сенокозолиоска. Монтажата е на Мартин Иванов, а дизајнот на звук е на Сашко Потер Мицевски.

    Георги М. Унковски е роден 1988, во Њујорк, тој е син на театарскиот режисер Слободан Унковски и психологот Лина Ќостарова-Унковска. Студирал фотографија на Институтот за технологоија во Рочестер, САД, а магистрирал режија на Универзитетот ФАМУ во Прага, Чешка. Работи како режисер во маркетинг агенцијата „Футура 2/2“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира