Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип до крајот на летото ќе биде прва институција од областа на културата во Источна Макадонија која ќе има фотоволтаична централа. Фотонапонските панели ќе бидат на целата кровна конструкција на Домот на површина од 1.100 квадратни метри, со инсталирана моќност од 220-300 киловат часови од кои 40 киловат часови ќе бидат на располагање на Центарот за култура во чиј состав работи и Домот на кулурата во Штип.
„Се работи за енергетски хаб проект што ќе го имплементираме во соработка со приватниот сектор кој за реализација на проектот ќе вложи околу 200.000 евра, а Центарот за култура во наредните 25 години ќе остварува приход од закуп на кровната површина со што сметките за струја на Центарот на годишно ниво ќе бидат помали за 15.000 евра“, вели директорот на центарот Горан Трајков.
Трајков додава дека Јавните приватни партнерства во културата се значаен дел за одржлив развој. Со овој потфат, како што вели тој, се придонесува и во делот на екологијата за почиста и поздрава животна средина преку намалување од 2 до 5 тони јаглерод диоксид, а самиот енергетски хаб во Штип ќе поттикне отворање на нови работни места.
Т. ЈОВАНОВСКИ