„МАЈКА“ НА ТЕОНА СТРУГАР МИТЕВСКА ОД 16 ОКТОМВРИ ИГРА ВО КИНАТА НИЗ МАКЕДОНИЈА

    „МАЈКА“ НА ТЕОНА СТРУГАР МИТЕВСКА ОД 16 ОКТОМВРИ ИГРА ВО КИНАТА НИЗ МАКЕДОНИЈАФилмот, кој имаше светска премиера на Венецискиот филмски фестивал, раскажува седум дена од животот на Мајка Тереза во 1948 во Индија. (Фото: „МЦФ Мегаком филмс“)

    Филмот „Мајка“ на режисерката Теона Стругар Митевска од 16 октомври ќе почне да се прикажува во сите кина низ Македонија. „Мајка“, инспириран од животот на Мјака Тереза, е прв филм на Митевска на англиски јазик, по сценарио нејзино и на Гоце Смилевски и Елма Татарагиќ.

    Филмот, кој имаше светска премиера на Венецискиот филмски фестивал, на отворањето на програмата Хоризонти, е за седум дена од животот на Мајка Тереза во 1948 во Индија, со сите душевни премрежиња што ги имала додека чекала одобрение од Ватикан да го напушти манастирот и да основа нов ред. Во него е прикажана и битката на жената помеѓу слободниот и животот посветен на Бога.

    Мајка Тереза ја игра шведската актерка Номи Рапас, Никола Ристановски го игра отец Фредерик, а Силвија Хокс сестра Агнешка.

    „Бев пленета да го откријам овој лик кој е поголем од животот, а да ја откријам како обичен човек, како жена како ти или јас. Тоа е убаво оти покажува дека секој од нас има сила да ги промени нештата и да придонесе на човештвото. За мене, да се биде светица е во корелација со преземање акција и правење храбри дела“, рече Теона Митевска на прес-коференцијата во Венеција пред светската премиера на „Мајка“.

    Директорка на фотографија е Виржини Сен-Мартан од Белгија, сценографијата е на Вук Митевски, а прв асистент на режија е Јане Ќортошев.

    Сестрите Теона и Лабина Митевски, едната режисерка, а другата продуцентка, на отворањето на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола рекоа дека филмот му го посветуваат на нивниот татко.

    „Солзи ми течат зашто во првата недела од снимањето почина нашиот татко. А, такво е снимањето филмови. Филмот е животот и ние моравме да продолжиме да снимаме. Кога се потсетуваме на снимањето, сите спомени се поврзани со нашиот татко, кој беше прекрасен човек, сликар и да не беше тој, ни ние немаше да бидеме овде“, рече Теона Стругар Митевска во Битола.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира