МАКЕДОНИЈА Е МАЛА ЗЕМЈА, А ИМА ТОЛКУ МНОГУ УСПЕШНИ МУЗИЧАРИ НИЗ СВЕТОТ, ВЕЛИ ПИЈАНИСТКАТА ИЛИНКА МАНОВА ПРЕД НАСТАПОТ НА ОХРИДСКО ЛЕТО

    МАКЕДОНИЈА Е МАЛА ЗЕМЈА, А ИМА ТОЛКУ МНОГУ УСПЕШНИ МУЗИЧАРИ НИЗ СВЕТОТ, ВЕЛИ ПИЈАНИСТКАТА ИЛИНКА МАНОВА ПРЕД НАСТАПОТ НА ОХРИДСКО ЛЕТОМанова живее и работи во САД и во моментов е запишана на докторски студии на Универзитетот во Конектикат (Фото: СДК.МК)

    Во мојата татковина секогаш се враќам со радост. Ценетоста почнува од почитта кон тоа од каде потекнуваш. Со големо внимание ги запознавам сите мои колеги и пријатели од целиот свет за Македонија преку македонските композитори, кујна, традиција, танц и ритам“, вели пијанистката Илинка Манова, која вечерва настапува во црквата „Света Софија“ заедно со американско-рускиот виолинист Игор Пикајзен во рамките на Охридско лето.

    Според неа, Македонија има традиција и високи стандарди за изучување на класичната музика.

    Колку мала земја сме, а имаме еден куп успешни луѓе кои работат и творат не само на овие простори, туку и во целиот свет. Како уметник кој веќе три децении живее надвор од Македонија сакам повеќе да си помагаме и да ги поддржиме младите музичари преку работилници, концерт, совет, време или внимание“, додава Манова.

    За тежината и одговорноста на еден уметник да настапи на врвните сцени вели дека треба многу труд, посветеност и ангажираност.

    Работиме темелно на секое дело кое го изведуваме за да ги разбереме точно јазикот на композиторот и неговата идеја како таа музика преку нашите инструменти би звучела и би се пренела на публиката. Подготовките траат неколку месеци пред самиот настап“, вели Манова.

    Манова живее и работи во САД. Добитничка е на повеќе награди, а љубовта и страста кон музиката ги преточува во суштинско изучување на оваа уметност. Првите образовни стадиуми ги завршила во Скопје во класата на проф. Валентина Нолчева, а потоа продолжила да студира во Келн и во музичката школа „Менхетн“ во Њујорк. Добитничка е на полна стипендија за нејзините студии на САНИ, каде стекна титула магистер и уметничка диплома. Во моментов е запишана на докторски студии по музичка уметност на Универзитетот во Конектикат.

    Како солист и камерен музичар има настапено во Париз, Рим, Бон, Келн, Женева, Белград, Љубљана, Скопје и во повеќе градови во источна Европа, и САД. Последниот настап на Охридско лето го имаше во 2001.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира