Поштата на Македонија издаде специјална поштенска марка во чест на одбележувањето на 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик. Поштенската марка е изработена од Бирото за филателија на АД Пошта. Дизајнот е на Лариса Донев. Номиналната вредност е 36 денари, а испечатена е во тираж од 6 илјади примероци.
Симона Груевска-Маџоска, претседателка на Координативното тел0 за одбележување на 80-годишнината, рече дека македонскиот јазик е нешто што треба најмногу да му обрнуваме внимание да го чуваме затоа што тој е сведоштво на нашата култура, нашите обичаи, на нашата мисла и ја одразува во себе целата историја на Македонците како народ.
„Често се поставуваат прашања од типот дека некои јазици изумираат, дека дневно измуираат по толку и толку јазици во светот. Македонскиот јазик не може изумре, но каков ќе биде, како ќе изгледа, како ќе се развива, тоа зависи од сите нас, од нашата грижа за македонскиот јазик“, кажа Груевска-Маџоска.
„Поштенските марки се амбасадор на земјата. Така што ова мало парче уметничко дело, исто како и пишуваниот збор, патуваат и ја претставуваат културата и традицијата на Македонија. Ова е почит кон минатото, но и одговорност за иднината. Поштенската марка нека биде доказ дека повеќе си го сакаме и почитуваме македонскиот јазик на кој се напишани безброј дела на нашите македонски автори“, рече Бојан Керамистески, директор на Поштенски сообраќај, на денешната промоција на марката.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков рече дека оваа марка ќе патува по светот и ќе раскажува за осум децении јазична зрелост, за генерации писатели, поети, научници и наставници што го градеа и го збогатуваа македонскиот јазик.
Б. НЕСТОРОСКА