Договори со кои ќе се воспостават партнерства и ќе се реализираат археолошки истражувања, размена на искуства, знаења и методологи, денеска потпишаа министерот за култура и туризам Зоран Љутков, Лукас Вертер од Римско-германската комисија при Германскиот археолошки институт, кој е под надлежност на Федералното Министерство за надворешни работи на Германија, и директорот на Музејот на Град Скопје Панче Велков.
На археолошкиот локалитет Скупи, Љутков и Вертер потпишаа Меморандум за соработка со Германскиот археолошки институт, меѓународна научна институција со долгогодишна традиција и светски признати резултати во областа на археологијата.
„Со оваа соработка се отвораат нови перспективи за нашите јавни музејски и научни установи, кои преку посебни договори ќе имаат можност да воспостават партнерства со оваа реномирана институција и да реализираат заеднички археолошки истражувања. Овој меморандум претставува силна основа за унапредување на стручната и научната афирмација на нашите археолошки откритија, преку примена на современи методолошки принципи, обработка на материјални докази и нивна промоција во меѓународен контекст“, изјави министерот.
Вертер кажа дека соработката ќе се заснова на научни истражувања кои потоа ќе бидат достапни за сите заинтересирани за локалитетот.
„Се радуваме на нашите заеднички активности на овој локалитет кој има многу скриени нешта во земјата кои сакаме да ги обелодениме на луѓето и да ги изградиме капацитетите на Скупи“, рече тој.