Седумдесет и девет филмови ќе се прикажат на 44. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ во Битола, кој почнува в сабота, а ќе трае до 29 септември. Фестивалот отвора со македонската премиера на „Домаќинство за почетници“ на македонско-австралискиот режисер Горан Столевски, кој е македонски кандидат за Оскар, а затвора со премиерата на „Лена и Владимир“, дебито на Игор Алексов.
„Домаќинство за почетници“ на 6 септември имаше светска премиера на 80. филмски фестивал во Венеција во програмата Хоризонти, имаше одлични рецензии и ја доби една од паралените награди Квир лав. Филмот е во продукција на „Лист продукција-Скопје“. Играат Анамариа Маринка (позната по филмот „4 месеци 3 недели 2 дена“ (2007) на Кристиан Мунџиу) и Алина Шербан од Романија, Владимир Тинтор од Хрватска, Сара Климоска, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим и други непрофесионални актери од Македонија. Дистрибутер на филмот во САД е „Фокус фичерс“, рака на холивудското студио „Универзал“ кое ги има светските права за дистрибуција.
„44. издание на ‘Браќа Манаки’ навистина е големo. Првата година имавме 150 гости, 20 филмови, двајца добитници и скромен буџет, го организиравме во време на пандемијата. Наредната година имавме 250 гости, 65 филмови и 37 ноќни забави, а годинава имаме меѓу 350 и 400 гости од кои околу 160 се странски гости, тоа е огромна бројка и 50 ВИП, имаме 79 филмови во кино сали и проекции на отворено. Имаме извонредни филмови во главната селекција од Кан, Берлин, Венеција, Карлови Вари, Сан Себастијан. Тоа се филмови во кои знаењето и умешноста на кинематограферите доминираат, имаме во оваа селекција врвни кинематографери кои работат во врвни режисери“, рече директорот на Фестивалот Симеон Мони Дамевски на денешната прес-конференција.
Оскаровецот Питер Бижу е добитник на Златна Камера 300 за животен опус, актерката и продуцентка Лабина Митевска е лауреат на наградата Голема ѕвезда на македонскиот филм, а Шејмас Мекгарви е годинашен добитник на Специјалната златна Камера 300 за особен придонес за светската филмска уметност.
Б. НЕСТОРОСКА