„Мими“, вториот долгометражен игран филм на режисерот Даријан Пејовски, ќе ја има својата светска премиера на Пулскиот филмски фестивал, чие 69. издание ќе се одржи од 16 до 24 јули. Филмот е селектиран во Меѓународната програма на фестивалот, покрај десет други наслови.
„‘Мими’ е психолошка драма за девојка која, потисната од родовите предрасуди во родниот крај, доаѓа да живее во Скопје. Се запознава со екстровертната Сара и меѓу нив се раѓа пријателство, што набрзо прераснува во опсесија“, кажа Пејовски на стартот на снимањето на филмот во октомври 2020.
Во филмот играат Наталија Теодосиева, Тамара Ристоска, Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Стефан Спасов, Дениз Абдула и Владимир Петковиќ. Томи Салковски е продуцент, кинематографер е Дејан Димески, Игор Тошевски е автор на сценографијата, а костимите ги изработи Емилија И. Атанасовска. Копродуценти на филмот се Хрватска и Црна Гора.
„Мими“, за кој Пејовски го напиша и сценариото, следува седум години по неговиот дебитантски филм „Три дена во септември“.
Г. КОНЕВ