ОНКОЛОГОТ АНАСТАС КОЦАРЕВ, КОЈ СОРАБОТУВАЛ СО МАРИЈА КИРИ ВО ПАРИЗ, ВО 1931 СЕ ДЕКЛАРИРАЛ КАКО МАКЕДОНЕЦ И ВО ДОКТОРСКАТА ДИСЕРТАЦИЈА

    ОНКОЛОГОТ АНАСТАС КОЦАРЕВ, КОЈ СОРАБОТУВАЛ СО МАРИЈА КИРИ ВО ПАРИЗ, ВО 1931 СЕ ДЕКЛАРИРАЛ КАКО МАКЕДОНЕЦ И ВО ДОКТОРСКАТА ДИСЕРТАЦИЈАД-р Коцарев е еден од лекарите пионери во радиотерапијата и радиографијата во светот, кој се обидувал да изврши дијагностицирање и лекување на пациенти заболени од рак со примена на радиум. (Фото: СДК.МК)

    Во докторската дисертација од 1931 на д-р Анастас Коцарев, големиот македонски научник кој работел со нобеловката Марија Кири, јасно пишува дека потекнувал од Охрид, Македонија. И во други документи од неговите трудови и написи објавени на почетокот на 20 век, исто така јасно се споменува дека бил Македонец, покажаа научни осврти, документи и други изложени артефакти на настанот посветен на ликот и делото на македонскиот онколог, еден од лекарите пионери во радиотерапијата и радиографијата во светот, кој се обидувал да изврши дијагностицирање и лекување на пациенти заболени од рак со примена на радиум.

    На омажот и изложбата во Битола за делото на д-р Коцарев говореше неговата внука д-р Соња Трпезановска-Коцарева. (Фото СДК.МК)

    Омажот и изложбата во Битола беа во организација на Универзитетот и Националната библиотека „Свети Климент Охридски“, по повод Европската ноќ на истражувачите. Настанот се одржа на 15-годишнината откако за првпат во Македонија се проговори за брилијантниот научник, по децениска заборавеност. Во 2011, неговата внука д-р Соња Трпезановска-Коцарева, специјалистка- физијатарка, заедно со нејзиниот сопруг, универзитетскиот професор д-р Љупчо Трпезановски, подготвија документарен филм за лекарот, прикажан на Ноќта на истражувачите организирана од Битолскиот универзитет, а новинарката Жанета Здравковска го напиша и првиот новинарски текст за него во Македонија по што, со помош на Друштвото „Заборавени Македонци“, се пронајде неговиот гроб во Париз.

    „Тој за првпат во светот направил слика на фотографска плоча на малигно ткиво, метастаза на карлична коска, која сакал да ја именува по својата учителка Марија Кири како кириграфија. За неговата работа било пишувано во низа медицински списанија, но и во престижниот ‘Тајм’, каде бил јавно повикуван да продолжи со своите истражувања во Америка. Сите овие истражувања ги работел во период кога директор на лабораторијата во Сорбона била нобеловката Марија Кири, со која искрено соработувал“, потсети за делото на д-р Коцарев неговата внука Трпезановска-Коцарева.

    Новинарката Жанета Здравковска во 2011 го напиша првиот новинарски текст за д-р Коцарев во Македонија по што, со помош на Друштвото „Заборавени Македонци“, се пронајде неговиот гроб во Париз. (Фото: СДК.МК)

    Коцарев бил роден во 1889 година во Охрид, во имашно семејство, кое за да се школува на Медицинскиот факултет во Женева продало и еден чифлик. Одбранил две докторски дисертации, едната во Женева, а другата во Париз. Анастас бил близок соработник на Марија Кири и работел во нејзината лабораторија на Универзитетот Сорбона, Париз. Покрај Мајка Тереза, бил единствениот Македонец блиску да добие Нобелова награда. За научниот придонес во лекувањето на ракот добил и награда од Медицинската академија во Париз. Објавил научни трудови, но многу значајна е и неговата патриотска активност во Швајцарија, обединувајќи ја тамошната македонска емиграција и кревајќи го гласот за самостојна македонска држава.

    Ненадејно починал во 1931 година во Париз, а неговата смрт останала мистерија. Постојат сомнежи дека бил отруен, односно ликвидиран од странски служби; не се знае дали поради неговата патриотска или научна дејност или можеби бил озрачен од работата со радиумот.

    Во Македонија неговото дело не беше изнесено во јавноста до 2011, односно 80 години по неговата смрт. Откако почна јавно да се зборува за него и да му се истражува делото, му се пронајде гробот, а сега секоја година се одржуваат комеморации на неговиот гроб во Париз, на кои присуствуваат и претставници од локалната власт во париската општина Бонди, како и од македонската амбасада во Франција. Во март 2026 е именуван салон во амбасадата во Париз по д-р Анастас Коцарев. Воедно, на 6 април 2026, во Куќата на Робевци во Охрид беше отворено спомен-катче посветено на д-р Анастас Коцарев, каде е изложен Орденот „Илинден – 1903“, со кој постхумно го одликува претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, како и портретната фотографија на докторот која со децении семејството ја чуваше во домашната фотоархива. Локалната самоуправа во Охрид постави спомен-обележје на куќата каде што е роден онкологот и го вметна во агендата за чествување.

    „Сите активности на нашата фамилија ѝ даваат верба дека еден ден, со помош на државните институции, ќе успееме да го вратиме да почива во нашата земја. Д-р Анастас Коцарев треба да почива тука, во својата татковина Македонија, и да се изучува како светол пример за идните генерации – дека ваквите примери треба да бидат водилка за младите да ја засакаат и да ѝ се посветат на науката“, рече Трпезановска-Коцарева.

    Ректорот на Битолскиот универзитет, д-р Игор Неделковски, на омажот во Битола изјави дека Коцарев треба да биде пример за младите успешни Македонци во светот да не ги заборават своите корени.

    „Ова треба да биде поттик преку своите позиции што ги имаат и ќе ги имаат во врвните научноистражувачки центри да придонесуваат за развојот на општеството, државата и науката, бидејќи Коцарев бил еден од главните организатори на македонската интелектуална емиграција, еден од главните опоненти на Букурешкиот мировен договор, кој пишувал писма и се борел за македонизмот. Денес ние имаме држава, нашите млади научници не треба да се борат за да добиеме држава, таа е тука, но треба да се борат знаењата што ќе ги добијат во светските центри да ги пренесат тука, да соработуваат со нашите институции и така да ѝ се оддолжат на својата татковина“, рече Неделков.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира