„Мими“, вториот долгометражен игран филм на режисерот Даријан Пејовски, следната недела почнува со кинопроекциите во Македонија. Од 13 октомври, филмот ќе игра во Синеплекс и кино Милениум во Скопје, како и во дел од градовите низ Македонија.
„Мими“ е психолошка драма за девојка која, потисната од родовите предрасуди во родниот крај, доаѓа да живее во Скопје. Тука се запознава со Сара и помеѓу нив се раѓа пријателство што набрзо преминува во опсесија.
Улогите ги толкуваат Наталија Теодосиева, Тамара Ристоска, Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Владимир Петровиќ, Стефан Спасов и други.
Филмот е копродукција на „Скопје филм студио“, Хрватска и Црна Гора. Го отвори годинашниот фестивал на европски филм Синедејс и беше прикажан на фестивалите во Пула и Херцег Нови.