Профитабилната индустрија за подмладување и процесот на менување на крвта, што чини од 6. 000 до 10.000 евра, изминативе денови се во фокусот во Грција по смртта на популарниот пејач Јоргос Мазоникс. Двајца доктори се уапсени во врска со смртта на 54-годишниот пејач.
Мазонакис почина на 9 септември по посетата на приватната клиника „Колонаки“ во Атина, каде што, според наводите, отишол да се подложи на плазмафереза, медицинска постапка со која се отстранува, се менува или се прочистува крвта.
Неговиот случај привлече внимание кон нерегулираниот пазар на третмани за подмладување, меѓу кои и недокажани терапии со матични клетки и плазмафереза што често се изведуваат во нелиценцирани приватни ординации, кои славните личности ги преферираат поради дискретноста.
Во одделни случаи станува збор и за неовластен увоз на ботокс и продажба на тестостерон на црниот пазар.
Еден професор по хематологија изјави дека ваквите клиники овозможуваат „некои луѓе да се збогатат за краток временски период“. Третманите може да чинат меѓу 6.000 и 10.000 евра, додека интравенските раствори против мамурлак се продаваат за 500 евра. Раководителот на Грчката агенција за лекови ЕОФ, изјави дека граѓаните треба „да им веруваат на регулаторните органи“ и да користат само лекови што добиле официјално одобрение.
Двајцата сопственици на клиниката „Колонаки“ беа уапсени откако полицијата извршила претрес во ординацијата и открила докази за кои властите велат дека се спротивни на првичните изјави на лекарите. Двајцата биле со лисици на рацете одведени во полициска станица.
Истражителите велат дека лекарите ги смениле своите искази за време на испрашувањето. Лекарката во клиниката првично ѝ кажала на полицијата дека Мазонакис пристигнал околу 16 часот на 9 септември. Но, снимките од безбедносните камери на влезот во зградата покажуваат дека тој пристигнал два и пол часа порано, во 13:30 часот.
Втората, посериозна несогласност се однесува на временскиот тек на самата процедура. Лекарката тврдела дека крвниот притисок на 54-годишниот пејач паднал и дека тој постепено ја изгубил свеста додека таа внесувала втор катетер во неговата лева рака. Но, податоците од апаратот за плазмафереза покажуваат дека процедурата веќе траела најмалку 45 минути пред Мазонакис да доживее фатален срцев удар.
Полицијата од клиниката изнела четири кеси означени како „докази“, а подоцна извршила претрес и во домот на лекарите. Истражителите пронашле два апарати за плазмафереза за кои се чини дека немале соодветно одобрение, при инспекциите на Лекарската комора на Атина во 2024 и 2025 година немало евиденција за овие апарати. Биле запленети дигитални докази, електронски уреди и медицински препарати.
Според последните информациии на „Катимерини“, властите соопштија дека сѐ уште не е утврдена причината за смртта, откако денеска беше ивршена обдукција. Се очекува токсиколошките и другите лабораториски анализи да дадат дополнителни информации за причините за смртта.



