„МИНИСТЕРСТВО, ЈАС НЕ СУМ МАГИОНИЧАР“, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА БИТОЛСКИОТ ЦЕНТАР ЗА КУЛТУРА ПО РЕЗУЛТАТИТЕ ОД КОНКУРСОТ

    „МИНИСТЕРСТВО, ЈАС НЕ СУМ МАГИОНИЧАР“, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА БИТОЛСКИОТ ЦЕНТАР ЗА КУЛТУРА ПО РЕЗУЛТАТИТЕ ОД КОНКУРСОТОд годинешната програма на Министерството за култура, по 20 години постоење ни денар не доби Интернационалниот фестивал на монодрама од Битола, а другите манифестации останаа со скратен буџет (Фото: СДК.МК)

    „Министерство јас не сум магионичар! Јас сум уметник и директор кој сака да работи без скршени крила“, напиша на својот фејсбук профил директорката на Центарот за култура во Битола Маја Андоновска-Илијевски. Реакцијата следуваше откако од годинешната програма на Министерството за култура, по 20 години постоење ни денар не доби Интернационалниот фестивал на монодрама од Битола, а другите манифестации останаа со скратен буџет.

    Министерството за култура вчера на неколку пати ја објавуваше Годишната програма за национален интерес во културата, но поради скандалозните одлуки и бурните реакции од јавноста, премиерот Зоран Заев синоќа најави дека еден дел од програмата ќе биде поништен, освен делот за културните институции.

    „21 година Фестивал на Монодрама, член на интернационален форум ’Уан ман шоу’ под УНЕСКО, оваа година не доби средства во годишната програма на Министерството за култура. Прво мислев дека не можам да го најдам, потоа дека е некоја грешка во објавувањето на програмата. Значи на крај е сепак 0 денари“, напиша директорката на Фејсбук.

    Разочарувачки е и тоа што Интернационалниот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“, каде настапувале Кипарци, Јапонци, Шпанци, Португалци и уште многу други уметници од целиот свет, годинава е повторно со скратен буџет.

    „49 години ‘Илинденски денови’, најстариот фестивал во Републиката за фолклорни песни и игри, член на ЦИОФФ, кој е дел од 100 најдобри фестивали на светот, оваа година е повторно со скратен буџет. А Битола во таа фестивалска недела прима над 1.000 гости од земјата и светот, и сите поголеми угостителски капацитети на градот се во служба на фестивалот“, реагира директорката.

    Таа искоментира дека и 11. издание на Фестивалот на музика од светот останува со буџет како лани. Тоа се две и пол ијади евра, што според неа е помалку од незадоволителен.

    За тоа што монодрамата не доби финансиска поддршка од државата, на социјалните мрежи реагираше и Емилија Сарафска, која во изминатите години беше лице за односи со јавност на фестивалот.

    „Низ годините видов како публиката го поддржува најтешкиот меѓу драмските жанрови – монодрамата, како расне заедно со фестивалот. Видов дека од многу земји постоеше интерес за учество на фестивалот и како од година во година, особено годинава, расте бројот на лица, врвни уметници, кои сакаат да бидат дел од фестивалот. Но, минатата година слушнав дека Министерството за култура планира да го згасне, не ми се веруваше. Годинава, тој фестивал, не доби нити еден денар од Министерството за култура! Ова е потврда на минатогодишниот сомнеж. Ќе ни го земете и Фестивалот на монодрама“, праша јавно Сарафска.

    По објавата на програмата, на Фејсбук со краток коментар се јави и Иван Јерчиќ, директор на Народниот театар во Битола, установа која ќе биде поддржана со четири театарски претстави и Шекспир фестивалот. Тој напиша: „Во оваа прилика само ќе го искористам слоганот, мотото, идејата или како сакате на една не толку одамнешна иницијатива од соседството. Не е уметнички да се молчи (НИЈЕ  уметнички ќутати)!!!“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари