МНТ ВО ЗГРАДАТА ОД 40 МИЛИОНИ ЕВРА ЈА РЕНОВИРА ТЕРАСАТА КАДЕ СЕ СОБИРА ВОДА ПОСЛЕ ДОЖД И ПРОКАПУВА ВО ФОАЈЕТО

    МНТ ВО ЗГРАДАТА ОД 40 МИЛИОНИ ЕВРА ЈА РЕНОВИРА ТЕРАСАТА КАДЕ СЕ СОБИРА ВОДА ПОСЛЕ ДОЖД И ПРОКАПУВА ВО ФОАЈЕТООбјектот на Македонскиот народен театар беше отворен во 2013, и чини 40 милиони евра. (Фото: МНТ)

    Почна да се реновира проодната тераса на североисточниот дел од првиот кат на Македонскиот народен театар (МНТ). Станува збор за терасата кон Музејот на Холокаустот, каде се собираше вода после обилни дождови, и потоа течеше во фоајето. Таму, уште стои кофата по дождовите во 2017, сѐ додека не се заврши со санацијата.

    „Во изминатите години, при обилни дождови беа предизвикувани материјални штети од протекување од терасата во главното фоаје. Се работи за зафат со кој ќе се надминат проблемите наследени од самото отворање на театарот, како и натамошното руинирање на објектот. Искрено се радуваме што есенскиот дел од сезоната ќе го започнеме во безбеден и саниран објект“, велат од МНТ.

    Реновирањето ќе чини 1.2 милиони денари (околу 20.000 евра), пари кои се во рамките на Годишната програма за 2021 година на Министерството за култура.

    Објектот беше отворен во 2013, и чини 40 милиони евра.

    На крајот на 2017, врнежливото време предизвика алармантна состојба во културата, со проблеми со крововите кај постарите објекти, и со опасност од спој на вода и струја и протекување кај новите објекти од „Скопје 2014“ изградени покрај Вардар.

    Во декември 2017, тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски најави дека изведувачите, надзорните органи и стручните служби во Министерството за култура и во други министерства ќе понесат одговорност за неквалитено градење на Македонскиот народен театар (МНТ) и во Археолошкиот музеј. Тој рече и дека Министерството за култура ќе истражува кој и зошто не ги извел квалитетно градежните работи и ќе поднесе тужби за сите ситуации каде што функционирала криминалата мрежа на нестручно градење објекти.

     

    Реновирањето ќе чини околу 20.000 евра, пари кои се во рамките на Годишната програма за 2021 година на Министерството за култура. (Фото: МНТ)

    Алаѓозовски и тогашниот директор на МНТ, Драган Спасов-Дац пред медиумите ги покажаа местата каде тече во објектот. Во фоајето, на левата страна на Театарот беше поставена огромна кофа, а просторот каде што течеше  беше зграден со црвена завеса. Таму, течеше од еден од балконите, бидејќи се собира вода.

    Алаѓозовски тогаш најави формирање на подкомисија на работната група на „Скопје 2014 “ која ќе се состои од градежни и машински инженери, како и од архитекти, кои треба да утврдат колку се безбедни тие објекти.

    Оттогаш, во Министерството за култура дојда уште тројца министри, Асаф Адеми, Хусни Исмаили и актуелната министерка Ирена Стефоска, но никој од нив не излезе со извештај за безбедноста на објектите од „Скопје 2014“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира