МНТ НАЈАВУВА ДИСКО ШОУ СО МЈУЗИКЛОТ „МАМА МИА“

    МНТ НАЈАВУВА ДИСКО ШОУ СО МЈУЗИКЛОТ „МАМА МИА“Преку хитовите на „АББА“, во мјузиклот „Мама миа“ се раскажува комичната приказна за тинејџерка која е во потрага по нејзиниот вистински татко на еден грчки остров; - Екипата на „Мама миа“ со в.д директорот Драган Спасов- Дац денес во МНТ (Фото: М. Златевска)

    Распродадени се премиерата в недела и следните две изведби за мјузиклот „Мама миа“ во Македонскиот народен театар (МНТ). Билетите чинат по 1.200 денари, 1.000, 800 и 600 денари.

    Режисерка на мјузиклот со најголемите хитови на шведската група „АББА“ е Наташа Поплавска, кореографка е Олга Панго, а ќе диригира Бисера Чадловска. МНТ е носител и продуцент на мјузиклот, во копродукција со словенечкиот партнер „Проспот“, застапуван од славниот југословенски скијач од осумдесеттите години Јуре Франко.

    Во проектот се вклучени 70 луѓе, а глумиците Нина Деан и Биљана Драгичевиќ-Пројковска ги играат главните улоги на мајката и ќерката Софи и Дона Шеридан. Јана Стојановска е алтернација за ликот на Софи.

    Поплавска денес рече дека организирале аудиција за улогите во „Мама миа“, на која се пријавиле 178 актери од други театари плус вработените во МНТ. Таа рече дека имале поинаков тип на работа за разлика од мјузикот „Чикаго“, кој го постави во 2015, бидејќи во „Мама миа“ има диско кореографија со музика од 1970-те.

    „Ќе видите шоу од прв до последен чин“, рече Драгичевиќ-Пројковска.

    Најдобрите пријателки на Дона ги играат Арна Шијак и Тања Кочовска, додека во улогите на татковците Сем, Бил и Хари ќе бидат Кире Ѓоревски, Трајче Ѓоргиев и Владимир Јачев. Никола Наковски е Скај, вереникот на Софи. Учествуваат и голем број танчари и хористи од Македонската опера и балет (МОБ) како и бенд во живо.

    Препевот и преводот ги направи актерката Тина Трпкоска. Поплавска рече дека според правилата на договорот, на македонски јазик не е преведен само хитот „Ватерло“ и во претставата се изведува само еднаш, на крај.

    Сценографијата е на Александар Дениќ, а костимите се на Роза Трајческа-Ристовска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира