Во февруари или март се очекува да бидат завршени музеите на Калето во Скопје, најави министерот за култура и туризам Зоран Љутков на брифинг со медиумите.
Љутков на 25 јули кажа дека Калето 10 години е во запуштена и девастирана состојба и најави дека со 8 милиони денари (околу 130.000 евра) кои ќе се обезбедат од ребалансот на Буџетот, ќе се реконструираат двата музеја и ќе се работи на негова санација за да стане туристичка атракција.
- ПОЧНА ДА СЕ ЧИСТИ СКОПСКОТО КАЛЕ, СО 130.000 ЕВРА ЌЕ СЕ РЕКОНСТУРИРААТ ДВАТА ВЕЌЕ ИЗГРАДЕНИ МУЗЕЈА КОИ ПРОПАЃААТ ОТИ НЕ СЕ ОТВОРИЈА
- СКОПСКОТО КАЛЕ ИЗГЛЕДА УЖАСНО, ПРВО ЌЕ ГО ИСЧИСТИМЕ, ПА ЌЕ ГИ ОТВОРИМЕ ТРИТЕ МУЗЕИ, ВЕЛИ ЉУТКОВ
Зборувајќи за заштитата на културното наследство, на брифингот министерот кажа дека интензивно се реализираат активностите на Калето и музеите што се наоѓаат во овој комплекс.
„Работите се во напредна фаза и се очекува нивно целосно завршување до февруари или март наредната година. Надвор од опремувањето на музеите ќе се одвива уште еден паралелен процес за поставување на урбана опрема и осветлување на Калето“, кажа тој.
Во 2011 почнаа да се градат три музеи – за праисторија, за османлиски и за средновековен период, но до ден денес ниту се отворени, ниту пак просторот е уреден.
Уште лани во октомври, директорката на Управата за заштита на културното наследство Весела Честоева кажа дека целосно изградените музеи предвидени за поставките на археолошките предмети од праисторискиот и отоманскиот периот се целосно запуштени, а видливи се и делумни оштетувања, а музејот предвиден за поставката на археолошките предмети од средновековниот период, кој не е дограден, е целосно обраснат од вегетација.
Љутков вели дека се очекува во 2028, кога Скопје ќе биде Европска престолнина на културата, Калето да биде еден од најискористените простори.
Б. НЕСТОРОСКА



