НА 25 АВГУСТ ВО СИНЕПЛЕКС СПЕЦИЈАЛНА ПРОЕКЦИЈА НА „ЏГАН“ ЗА 10 ГОДИНИ ОД ПРЕМИЕРАТА

    НА 25 АВГУСТ ВО СИНЕПЛЕКС СПЕЦИЈАЛНА ПРОЕКЦИЈА НА „ЏГАН“ ЗА 10 ГОДИНИ ОД ПРЕМИЕРАТАМартин Ѓоргоски освои две награди за најдобра улога во филмот „Џган“. (Фото: „Дрим фектори продукција“)

    На 25 август на Летното кино на Синеплекс (на отворената катна гаража во „Скопје Сити мол“) ќе има свечена проекција на филмот „Џган“ на режисерот Вардан Тозија, во чест на 10 години од светската премиера. Филмот премиерно беше прикажан на Меѓународниот филмски фестивал во Чикаго 2016. Проекцијата е закажана во 20:30 часот, a веднаш по проекцијата ќе биде организирана интерактивна сесија разговори со филмската екипа на „Џган“ и публиката, а потоа дружење во чест на јубилејот.

    „Кога денес го гледам ‘Џган’ , не гледам филм од пред 10 години, туку приказна, која не застарела во ниту еден кадар. Тоа е реткост, и признавам дека тогаш, кога го снимавме, не бев целосно свесен што сме направиле. Најголемата награда за мене, не е онаа од фестивалите, туку кога млад филмаџија ќе ми каже дека токму ‘Џган’ му бил инспирација. Затоа и после 10 години сакам новите генерации да го видат и да доживеат дека ‘Џган’ сè уште удира силно. Некои филмови стареат. Овој филм мислам дека само чека публиката повторно да го открие“, вели продуцентот Огнен Антов.

    Главните улоги ги играат: Мартин Ѓоргоски, Дениз Абдула и Никола Ристановски. Играат и: Сара Климоска, Љупчо Тодоровски, Адем Карага, Горан Стојановски, Игор Стојчевски, Борис Дамовски, Марија Кондовска, Ристо Буразденов, Мартин Живковски.

    Под максимата „Никој не е роден насилен“, Вардан Тозија го напиша сценариото. Дизајнот на шминка и маски ги изработи Горан Игњатовски, костимограф е Жаклина Крстевска, дизајнер на звук е Игор Поповски, музиката е на Александар Пејовски, сценографијата е дело на Кирил Спасески, директор на фотографија е Владимир Самоиловски, монтажер е Атанас Ѓеоргиев, кастингот го работеше Кирјана Николовска.

    Македонски продуцент на филмот е „Дрим фектори“, копродуцент на филмот е „Ред хеликоптер филмс“ од Албанија. Филмот беше финансиски поддржан и од Агенцијата за филм на Македонија и СЕЕ Синема нетворк.

    Во изминативе години и по премиерата„Џган“ беше прикажан на голем број фестивали во: Германија, Холандија, Белгија, Синдејс во Македонија, Шведска, Италија, Бразил, Мексико, Романија, Кина, Јужна Африка, Косово, Австрија, Албанија, Србија, Русија и Црна Гора.

    „Џган“ освои и повеќе значајни светски признанија. На Меѓународниот филмски фестивал во Брауншвајг во 2016 , актерот Мартин Ѓоргоски ја доби Специјалната награда на жирито за актерска изведба. На ПРИФЕСТ во Приштина во 2017 , филмот ја освои наградата ФИПРЕСЦИ, додека на фестивалот во Кицбил доби Гран при за најдобар долгометражен филм. На фестивалот во Отранто, „Џган“  освои Гран при за најдобар долгометражен филм, а на фестивалот во Лесковац, Ѓоргоски беше награден за најдобар актер.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира