НА ВОНРЕДНОТО СОБРАНИЕ НА ДПМ ДА СЕ ИЗБЕРЕ НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ И РАКОВОДСТВО, БАРААТ ПИСАТЕЛИТЕ ПО СКАНДАЛОТ СО ПОВЛЕЧЕНАТА НЕОТПОВИКЛИВА ОСТАВКА НА ПЕТРЕСКИ

    НА ВОНРЕДНОТО СОБРАНИЕ НА ДПМ ДА СЕ ИЗБЕРЕ НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ И РАКОВОДСТВО, БАРААТ ПИСАТЕЛИТЕ ПО СКАНДАЛОТ СО ПОВЛЕЧЕНАТА НЕОТПОВИКЛИВА ОСТАВКА НА ПЕТРЕСКИ„По последните настани, невозможно е Друштвото да продолжи со нормална работа“, се вели во писмото потпишано од 21 проминентен автор. (Фото: МИА)

    Дваесет и еден проминентен член од различни генерации на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) денеска јавно ја повикаа претседателката на Собранието, Кристина Николовска, во согласност со Статутот на ДПМ, за Вонредното изборно собрание, веќе закажано за 25 ноември, да подготви и да испрати до членството Дневен ред како и Деловник за Вонредното изборно собрание, со повик за доставување кандидатури за претседатели на Друштвото и на Собранието за зреааинтересираните да можат да ги исполнат своите обврски во согласност со роковите предодредени со Статутот

    „По последните настани, невозможно е Друштвото да продолжи со нормална работа“, велат во писмото потпишано меѓу другите и од годинашниот лауреат на Струшките вечери на поезијата Влада Урошевиќ и наградуваните автори Димитрие Дурацовски, Славе Ѓорѓо Димоски, Оливера Ќорвезироска, Лидија Димковска, Билјана Црвенковска, Румена Бужаровска, Фросина Пармаковска, Живко Грозданоски, Петар Андоновски, Давор Стојановски и други.

    Реакцијата следи откако на 9 октомври претседателот Христо Петрески поднесе неотповиклива оставка поради здравствени причини, по што Николовска свика Вонредно изборно собрание, но вчера Петрески ја повлече неотповикливата оставка и рече дека била „изнудена поради притисоци, уцени и закани“. Тој денеска во обраќање дека како претседател бил „под притисок за прашања кои задираат во националниот идентитет и прашањата за македонскиот јазик“

    Писателите во нивната реакција велат дека сите реакции, критики и барања од членовите на ДПМ во изминатиот период се поттикнати од лошото раководење и функционирање на Друштвото.

    „Лошото раководење и функционирање на ДПМ се во спротивност на националните и на сите други интереси на нашата писателска и културна заедница. Доброволната оставка на 8 од 9 членови на Претседателството на ДПМ не смее да остане незабележана, и недозволиво е да се направи самоиницијативен обид, неоправдан од Статутот, за нивна замена со други членови. Начинот на кој Христо Петрески се обидува да создаде матна слика во јавноста преку веќе наведевениве постапки е штетен за угледот на ДПМ во Македонија и во странство, но штетен е и за националните (и за сите други) интереси“, велат тие и бараат од Петрески пред целото членство на ДПМ да го образложи неаргументираното тврдење за наводните притисоци и закани, како и за прашањата што наводно ги задираат идентитетот и македонскиот јазик.

    „Членството на ДПМ нема да дозволи да биде изманипулирано и бара медиумите и пошироката јавност да бидат запознаени со тековните случувања во раководството на Друштвото, зашто по сите превирања и обвиненија, сметаме дека невалидна е изјавата на Христо Петрески дека ‘работата на Друштвото се одвива во неговите простории и во културните институции’“, се вели повикот потпишан од 21 писател, членови на ДПМ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира