Музејот Барберини во Потсдам близу Берлин ќе изложи над 110 слики од норвешкиот уметник Едвард Мунк. Изложбата, насловена „Едвард Мунк: Земја што трепери“, ќе има и скици што последен пат беа прикажани во Германија пред повеќе од 100 години на изложбата „Берлинско сецесија“. Големиот успех на недовршените скици на таа изложба го убеди жирито да му дозволи на Мунк да ги наслика сликите за аудиториумот на Универзитетот во Осло.
Монументалните скици што ќе бидат прикажани во Барберини, долги до 6 метри, како тема ја имаат интеракцијата помеѓу човекот и природата и човековото истражување на природата. Најголемата слика го прикажува сонцето како извор на животот, кој зрачи и врз други дела.
Изложбата ќе трае од 18 ноември до 1 април 2024.
„Емоциите се пренесуваат во пејзажите на Мунк“, вели директорката на музејот Ортруд Вестхајдер. Поради оваа причина, рече таа, изложбата се фокусира на пејзажите на Мунк, во кои сликарот ја прикажува променливата природа и појавата на животот. Често драматичните временски услови во неговите слики развиваат нова актуелност и експлозивност во време на климатски промени, додаде таа.
Паралелно со изложбата во музејот Барберини, Берлинската галерија прикажува и изложба на Мунк насловена „Магијата на северот“, која ќе трае од 15 септември до 22 јануари 2024.