Професорот Коста Пеев, еден од најстарите живи слависти и македонисти, студент на Блаже Конески и експерт за дијалектите на Егејска Македонија, ја донираше својата збирка на Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Со договорот за донација потпишан вчера со деканот проф. д-р Ицко Ѓоргоски, 83-годишниот професор Пеев на Институтот му отстапува книги, фотографии, ракописи и аудио материјали, собирани во последните педесетина години, кои содржат скапоцени етнолошки и лингвистички информации.
„Тие ќе бидат чувани во посебна збирка ‘Проф. д-р Коста Пеев’ во склоп на библиотеката и архивот на Институтот за етнологија и антропологија, кој ја поседува и најголемата дигитална архива од оваа област во земјата. Истовремено, Институтот е овластен субјект за заштита и чување на нематеријалното културно наслество, а јазикот и дијалектите се токму дел од него“, велат од Институтот.
Пеев, професор на Филолошкиот факултет во пензија кој неодамна од беше одликуван со највисокото признание Орден за заслуги, е автор на обемните студии „Речник на македонските дијалекти од југоисточниот дел на Егејска Македонија“ (во шест тома), „Кукушкиот говор“, „Дојранскиот дијалект“.