НЕХУМАНОСТА НИ СЕ СЛУЧУВА ПРЕД ОЧИ, РЕЧЕ ТИЛДА СВИНТОН ПРИМАЈЌИ ЈА ПОЧЕСНАТА ЗЛАТНА МЕЧКА НА БЕРЛИНАЛЕ

    НЕХУМАНОСТА НИ СЕ СЛУЧУВА ПРЕД ОЧИ, РЕЧЕ ТИЛДА СВИНТОН ПРИМАЈЌИ ЈА ПОЧЕСНАТА ЗЛАТНА МЕЧКА НА БЕРЛИНАЛЕСвинтон доби огромен аплауз за говорот во кој ја критикуваше репресијата и владите што таа ги нарече алчни, нагласувајќи ја важноста на уметноста и културата. (Фото: Берлинале)

    Британската актерка Тилда Свинтон ја критикуваше нехуманоста и ја пофали моќта на филмската уметност на синоќешното свечено отворање на 75. Берлинале, примајќи ја почесната Златна мечка како признание за нејзината долгогодишна кариера. Наградата ѝ ја врачи германскиот режисер Едвард Бергер, нарекувајќи ја Свинтон „исклучително убава душа“.

    64-годишната Свинтон, која доби Оскар за најдобра споредна улога за „Мајкл Клејтон“ на Тони Гилрој,  а глуми и во ланскиот победник на Венецискиот фестивал „Соседната соба“ на Педро Алмодовар, доби огромен аплауз за говорот во кој ја критикуваше репресијата и владите што таа ги нарече алчни, нагласувајќи ја важноста на уметноста и културата.

    „Масовните убиства извршени од државата и меѓународно овозможени во моментов активно тероризираат повеќе од еден дел од нашиот свет. Нехуманоста ни се случува пред очи, сега, додека сме ние ‘на смена’“, кажа таа.

    Филмот, рече таа, нуди „царство без граници“ кое е „имуно на напорите за окупација, колонизација, преземање, сопственост или градење на Ривиера“, што е критика на плановите на американскиот претседател Доналд Трамп за иселување на Палестинците од Појасот Газа за САД да ја претворат уништената територија во „ривиера на Блиски Исток“.

    „Да живее филмот и сето негово бесконечно ветување, светлина во темнината која никогаш не се гаси“, рече Свинтон.

    Берлинале отвори со „Светлината“ на Том Тиквер, а ќе трае до 23 февруари. Деветнаесет филмови се во конкуренција за Златна палма.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира