Концертната сезона на Македонската филхармонија годинава ќе доцни. Филхармонијата ќе почне со концерти во новиот објект, но дури откако ќе добие употребна дозвола. В.д. директорот на Филхармонијата Виктор Илиески за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека кога ќе се формира Комисија за технички прием од Министерството за транспорт и врски и кога ќе имаат зелено светло ќе се објави програмата за сезоната 2017/2018. Дотогаш, Филхармонија нема да одржува концерти, односно нема да го користи просторот на Домот на АРМ, туку ќе се чека според сите законски прописи да биде пуштен објектот во употреба.
„Овој период е фаза на последни подготовки за прикачување на документацијата на системот на Министерството за транспорт и врски за да се запазат сите законски процедури кои што следуваат како Објект од А категорија. Кога ќе добие објектот употребна дозвола, не можам точно да кажам. Станува збор за специфична работа. Поради незавршените законски процедури, а се разбира тука станува збор и за техничкиот прием кој што следува, првичните најави од страна на претходниот менаџмент за отворање на сезоната на Филхармонијата во септември месец беа повеќе од несериозни. Отворањето на концертната сала на 22 мај се случи без неопходната употребна дозвола. Начинот на кој што беше отворена салата беше политичка одлука“, вели в.д. директорот на Филхармонијата, Виктор Илиески.
Според Илиески, изградбата на објектот е во завршна фаза. Се привршуваат финалните работи во целиот објект, а се тестираат и сите системи во објектот. Во завршна фаза е малата сала која што има мултимедијални можности. Деновиве отпочната е постапка за приклучување на објектот во градската мрежа на БЕГ.
„Кога бев именуван од Министерството за култура како в.д. директор, бев фрапиран од фактичката ситуација. Објектот не беше поврзан со БЕГ системот, но најголем проблем беше што таа позиција за изведба на приклучокот не беше дел од договорот. Се најде компромисно решение, со заложба на министерот за култура Роберт Алаѓозовски и разбирањето на менаџментот на БЕГ да го изведат приклучокот. Доколку тоа не се случеше институцијата ќе мораше новата сезона да ја продолжи во салата на Домот на АРМ, бидејќи единствен начин на загревање на објектот е да се користи врелата вода од градскиот систем“, додава Илиески.
За Денот на независноста 8 Септември, МРТВ емитуваше снимка од концертот на пијанистот Симон Трпчески и маестро Владимир Ашкенази, со кој што на 22 мај беше отворена новата Филхармонија, иако немаше употребна дозвола.
А. АНТЕВСКА