Не се обезбеди кворум и откажано е денешното Вонредно изборно собрание на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ), на кое требаше да се избере претседател на писателската асоцијација и претседател на Собранието на ДПМ.
„Денес, на закажаното Вонредно изборно собрание на ДПМ, откако Собранието беше отворено, се пристапи кон избор на Верификациона комисија. Откако се констатираше бројот на присутните членови, беше заклучено дека од вкупно 286 члена на ДПМ, беа присутни 73 члена, а за кворум за работа на седницата потребни беа 96 члена. Според тоа, на Вонредното изборно собрание на ДПМ немаше кворум за работа на седницата“, соопшти ДПМ.
Кандидати за претседател се Блаже Миневски и Мирче Нешовски. Претходно се кандидираа, но ги повлекоа своите кандидатури Живко Грозданоски и Гоце Ристовски. Кандидатури за претседател на Собранието на ДПМ, поднесоа Иван Антоновски и Стефан Марковски.
Вонредното собрание беше закажано откако на 9 октомври претседателот Христо Петрески поднесе неотповиклива оставка поради здравствени причини, по што Кристина Николовска, претседателка на Собранието свика Вонредно изборно собрание. На 14 октомври, Петрески ја повлече неотповикливата оставка и рече дека била „изнудена поради притисоци, уцени и закани“. На 15 октомври, 21 проминентен член од различни генерации на Друштвото на писателите на Македонија јавно ја повикаа Николовска, во согласност со Статутот на ДПМ, да подготви и да испрати до членството Дневен ред како и Деловник за Вонредното изборно собрание.
„По последните настани, невозможно е Друштвото да продолжи со нормална работа“, рекоа во писмото потпишано меѓу другите и од годинашниот лауреат на Струшките вечери на поезијата Влада Урошевиќ и наградуваните автори Димитрие Дурацовски, Славе Ѓорѓо Димоски, Оливера Ќорвезироска, Лидија Димковска, Билјана Црвенковска, Румена Бужаровска, Фросина Пармаковска, Живко Грозданоски, Петар Андоновски, Давор Стојановски и други.
Б. НЕСТОРОСКА