НЕРАСКАЖАНИТЕ ПРИКАЗНИ ЗА МАКЕДОНКИТЕ КОИ ЈА ГРАДЕА ИСТОРИЈАТА ЌЕ СИ ДОБИЈАТ ПОСТАВКА ВО МУЗЕЈОТ НА МАКЕДОНСКАТА БОРБА

    НЕРАСКАЖАНИТЕ ПРИКАЗНИ ЗА МАКЕДОНКИТЕ КОИ ЈА ГРАДЕА ИСТОРИЈАТА ЌЕ СИ ДОБИЈАТ ПОСТАВКА ВО МУЗЕЈОТ НА МАКЕДОНСКАТА БОРБАВезилките на илинденското знаме Фотинка Петрова, Василка Стефанова, Аспасија Димева-Јакимова и Анета Спирова-Олчева; првата социјалистка Роса Плавева, партизанката Вера Циривири-Трена. (Фото: Фонд на Музејот на македонската борба)

    Преставувањето на улогата на жената низ македонската историја, жени кои пионерски делувале и продреле во македонското општество и создале приказни кои биле дел од создавањето на нашата историја се во фокусот  на музејската поставка во Музејот на македонската борба која се подготвува.

    Директорката на Музејот, Даниела Николова вели дека периодов се целосно посветени на измени и дополнувања на музејската поставка на неколку позиции, на осмислување, реконцепирање, дополна на текстови, поставување на артефакти и нивно презентирање, но земајќи го во предвид концептот на отворен музеј и прилагоден за сите.

    Роса Плавева родена во Велес во 1878, а починала во Белград во 1970. Таа била првата жена социјалистка, една од првите борци за женски права. (Фото: Фонд на Музеј на македонска борба)

    Жените во македонската историја се, вели таа, важен сегмент како дел од континуираниот музејски опус. Сите нив ги поврзуваат заеднички нешта, карактеристики, истенчени сетила, заигран и ведар дух, посветеност, сериозност. Склоност кон поврзување со некоја поголема идеја, љубопитност, издржливост и сила. Тие се длабоко интуитивни,  како што вели Николова, имаат чувство за заедницата, прилагодливи се на промени и различни околности, но и жестоки, непоколебливи одлуки.

    „Ме радува што нѐ препознаваат по промените, кои неминовно се наметнаа со збогатувањето на музејските збирки. Се залагам за збогатување на музејскиот фонд кој придонесува во делот на поголема информираност, со запознавање на личните и семејните донации, а со тоа ја враќаме вербата на граѓаните во делот на донациите. Контактите кои ги воспоставив со семејствата имаат резултати. Предметите овозможуваат да се создадат приказни кои биле дел од создавањето на нашата историја“, вели Николова.

    (Вера Циривири-Трена (Фото: Фонд на Музеј на македонска борба)

    Директорката истакнува дека истражувањата во најголем дел помогнаа и во откривањето на одлични фотографии, документи и предмети кои ја збогатуваат музејската поставка со еден важен сегмент- улогата на жената низ историјата. Таа како нитка/алка провејува низ музејската поставка.

    Ги преставуваат во илинденскиот период како везилки на востаничкото знаме. Фотинка Петрова, Василка Стефанова, Аспасија Димева-Јакимова и Анета Спирова-Олчева, биле четирите битолски учителки кои на таванот на тогашното училиште „Св. Кирил и Методиј“ го везеле востаничкото знаме на Главниот штаб на Битолскиот револуционерен округ и некои други знамиња на востаничките околии.

    Ова го гледаме, вели Николова, и од ставовите на македонскиот револуционер, социјалист и близок соработник на Гоце Делчев, Никола Петров-Русински (1875-1943), истакнати на Првата социјалистичка конференција во Македонија одржана во близина на Крушево на 3 јуни 1900 година по однос на таканареченото женско прашање. Тој изјавил: „Јас бев идеен и принципиелен поборник на прокламираните идеи на Август Бебел и застанав на страна на жените“.

    „Притоа, да напоменеме дека Август Бебел (1840-1913) е еден од основачите и водач на германските социјалдемократи и на Втората интернационала, како и борец за правата и еманципација на жените. Овие ставови Русински ќе ги застапува до крајот на својот живот и тие ќе најдат своја осмислена примена во неговиот однос кон женските револуционерни друштва во предилинденскиот период во Македонија. Социјалистичката мисла на Русински и неговите ставови за потполна еманципација на жената во Македонија се речиси наполно прифатени од интелектуалките, кои на преминот од 19. во 20. век претежно се од редот на учителките или се сопруги на учители. Доаѓајќи во допир со социјалистичката мисла и литература, а особено таму каде што дејствува Русински, тие се во фаза на сопствено сознавање и сосем јасно ја согледуваат двојната потчинетост и улогата на жената во современото општество“, вели Николова.

    Вера Циривири-Трена со родителите и брат ѝ на белградските улици. (Фото: Архива)

    Во конкретните општествено-економски пригоди во Македонија, нивниот прв чекор кон еманципација на сопствената личност е изразен во организирањето и раководењето на женските револуционерни друштва и организации и со директно учество во работата на Внатрешната македонска револуционерна организација. Раководен од социјалистичките начела за еднаквост меѓу луѓето, тој е наполно уверен дека сознаената и ослободена од буржоаските и патријархални норми, жената, е способна да придонесе многу за националното ослободување и националната еманципација на сопствениот народ.

    „Во тој контекст е и мислата на Русински: ‘Жената има потреба од сознавање за нејзините права – дајте ѝ ги, таа е великолепна агитаторка и организаторка на револуцијата’. Во периодот на Првата светка војна , ја доближуваме жената и нејзината улога во периодот на војна, нејзината борба за преживување во едни мачни услови на поделеност. Во периодот меѓу двете војни од 1919 до 1940 година македонската жена во континуитет била вклучена во револуционерното ослободително движење, но нејзиниот отпор ќе добие поорганизирана форма преку социјалистичката мисла на напредното работничко движење и интелигенција во чија револуционерна акција, таа ќе ја вткае и својата борба за целосна еманципација, во периодот меѓу двете светски војни“, вели  Николова.

    Група Соколци, жени, Битола, 1918-1941. (Фото: Фонд на Музеј на македонската борба)

    Во предвоениот период жената сѐ почесто учествува во работничките и студенските акции, како и на Првомајските собири и манифестации поставувајќи барања за еднакво право на глас и подобри работни услови. Ширењето на прогресивните идеи особено се засилиле со формирањето на партиската ќелија на Комунистичката партија во 1935 година, што било тесно поврзана со партиската организација, а подоцна и скоевската (младинска) организација. Овие организации често организирале масовни излети со подготвени програми, како форма на развивање на својата активност, познати како Мајски излети, на кои се зборувало за историјата и значењето на Меѓународниот празник на трудот.

    „Би ја издвоила Роса Плавева родена во Велес во 1878, а починала во Белград во 1970. Таа била првата жена социјалистка, една од првите борци за женски права. Во 1900 се зачленила во првата социјалистичка организација во Македонија, формирана во 1894 од Васил Главинов. Учествувала во Илинденското востание во 1903. Во деновите на Младотурската револуција заедно со Накије Бајрам, во 1908 година организираат демонстрации во Скопје, за рамноправност на жените и следната година заедно со сопругот Илија Плавев, работи на формирање на Социјалдемократска организација во Скопје која била формирана на 1 мај 1909 “, вели Николова.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира