НИКОЈ НЕ ПИШУВАШЕ ЉУБОВНИ ПЕСНИ КАКО ВЛАДО ЈАНЕВСКИ, РЕКОА ПРИЈАТЕЛИТЕ И ГО ИСПРАТИЈА СО НЕГОВИТЕ НАЈГОЛЕМИ ХИТОВИ

    НИКОЈ НЕ ПИШУВАШЕ ЉУБОВНИ ПЕСНИ КАКО ВЛАДО ЈАНЕВСКИ, РЕКОА ПРИЈАТЕЛИТЕ И ГО ИСПРАТИЈА СО НЕГОВИТЕ НАЈГОЛЕМИ ХИТОВИБлиското семејство и многуте колеги музичари, соработници и пријатели го испратија со неговите најголеми хитови. - Каролина и Калиопи. (Фото: СДК.МК)

    Кантавторот Владо Јаневски, кој почина на 28 јуни по кусо боледување на 65 години, денеска беше погребан на градските гробишта „Бутел“ во Скопје. Блиското семејство и многуте колеги музичари, соработници и пријатели го испратија со неговите најголеми хитови.

    „Никој не пишуваше љубовни песни како него“, рекоа соработниците на Јаневски.

    Последниот настап за кој објави на социјалните мрежи е од март, кога ѝ беше гостин на хрватската пејачка Весна Писаровиќ на нејзиниот концерт во Филхармонијата. Јаневски одржа заеднички концерт со Момчило Бајагиќ-Бајага на 14 февруари во Скопје, а две недели потоа настапи на „Златна бубамара на популарноста“.

    Калиопи беше меѓу колегите кои дојдоа на погребот. (Фото: СДК.МК)

    Јаневски, роден на 27 ноември 1960 во Скопје, има издадено шест студиски албуми од кои останаа бројни големи хитови, како „Ако не те сакам“, „Евергрин“, „Дома си е дома“, „И тогаш некоја будала“, „Некогаш и негде“, „Црно тиквешко“, „Ова е наше Скопје“, „Не зори зоро“, „Еден бакнеж“ и многу други. Претходно беше пејач во групата и „Ластовица“ и тапанар во „Бон тон“.

     

    Тој беше првиот македонски претставник на Евровизија со песната „Не зори зоро“ во 1998. Беше и меѓу деветтемина добитници на титулата амбасадор на културата.

    Влатко Плевнеш и Бобан Милошески. (Фото: СДК.МК)

    На крајот од 2023 и почетокот на 2024, Јаневски одржа пет концерти во Филхармонијата со наслов „Златни години – Најдоброто од Владо Јаневски“, со кои прослави 30 години кариера. Две години по ред, во 2024 и во 2025 тој го наполни Античкиот театар во Охрид и кажа дека сака да му стане традиција, секој август да пее на истата сцена. Последните неколку години живееше во Гевгелија.

    Пеејќи песни од Јаневски, фановите се собраа вчера пред Арената „Борис Трајковски“ во Скопје за да му оддадат почит. На настанот дојдоа и негови колеги и пријатели кои со години соработувале со него. Пеејќи го евергринот „Некогаш и негде“ фановите направија ѕвездено небо во чест на пејачот коgo го нарекуваа чаирскиот романтичар.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира